Македонците во Албанија го одбележаа Денот на светите Кирил и Методиј

Македонците во Албанија, предводени од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), го одбележаа Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј – основоположници на словенската писменост и култура.

Манифестацијата, организирана во соработка со здруженијата на Македонците со потекло од Егејска Македонија, се одржа во музејот „Стерјо Спасе“ во село Глобочани, каде присутните оддадоа почит на големото дело на солунските браќа.

Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, во своето обраќање истакна дека светите Кирил и Методиј се столбови на македонската и словенската писменост и култура.

– Делото на светите браќа е темел на нашиот јазик, култура и идентитет. Македонците од Албанија сме горди наследници на нивната мисија и решени сме да го чуваме и пренесуваме нашето културно наследство, порача Стерјовски.

Додаде дека ваквите настани се потсетник за заедничката одговорност да се негува македонскиот јазик и идентитет преку границите.

– Оваа манифестација не е само одбележување на една важна дата, туку и потврда на нашата определба за заедништво и зачувување на националната свест, рече тој.

Во говорот, Стерјовски се осврна и на трагичната судбина на Македонците од Егејска Македонија, посебно во контекст на грчката граѓанска војна од 1946 до 1949 година.

– Страдањата на Македонците од Егејот не смеат да бидат заборавени. Поддршката на нивната борба за основни човекови и национални права е наша морална обврска, нагласи тој.

На крајот од обраќањето, Стерјовски упати порака на единство и истрајност.

– Историјата е наш учител. Да учиме од неа и да не дозволиме болните страници да се повторуваат. Честит да е и за многу години Денот на македонските и сесловенските просветители, посака Стерјовски.

Настанот беше проследен со културна програма,  читање од македонски автори и изведба на традиционални македонски песни, во знак на почит и продолжување на просветителското наследство.

Зачлени се на нашиот е-билтен