Принцезата Елизабет, 23-годишната наследничка на белгискиот престол и идната кралица на Белгија, штотуку ја заврши својата прва година студии на Харвард. Меѓутоа, забраната што ја воведе администрацијата на Доналд Трамп за странски студенти би можела да го загрози нејзиното понатамошно образование.
Администрацијата на американскиот претседател во четврток го укина овластувањето на Харвард да запишува меѓународни студенти. Ова би ги принудило сегашните странски студенти или да се префрлат на други универзитети, или да го изгубат својот легален статус во САД. Исто така, најавено е дека мерките можат да се прошират и на други високообразовни институции.
Судот вчера привремено ја блокираше оваа одлука, обезбедувајќи краткорочно олеснување за илјадници студенти. Нови судски рочишта се закажани за следната недела, а администрацијата на Трамп има право да поднесе жалба на оваа одлука.
Кралската палата ја следи ситуацијата
„Принцезата Елизабет штотуку ја заврши својата прва година. Влијанието од одлуката [на администрацијата на Трамп] ќе стане појасно во наредните денови и недели. Моментално ја истражуваме ситуацијата“, изјави Лоре Вандорн, портпаролка на белгискиот кралски двор.
„Го следиме развојот на настаните и чекаме ситуацијата да се разјасни. Во следните денови и недели може да има нови промени,“ додаде Ксавиер Берт, директор за комуникации во палатата.
Елизабет студира јавни политики на Харвард, во рамките на двегодишна магистерска програма која, според официјалната веб-страница на универзитетот, има за цел да ги прошири хоризонтите на студентите и да ги усоврши нивните вештини за успешна кариера во јавната служба.
Принцезата е најстарата од четирите деца на кралот Филип и кралицата Матилда. Пред да почне студии на Харвард, таа дипломирала историја и политика на Универзитетот Оксфорд.