Хегсет до Дендиас: Грција може да ја зајакне својата лидерска улога во регионалните безбедносни иницијативи

Грција, како една од најстарите членки на НАТО, може да функционира како модел за другите партнери, особено во Југоисточна Европа, зајакнувајќи ја својата лидерска улога во регионалните безбедносни иницијативи, пишува, според грчката новинска агенција АНА-МПА во писмото на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет упатено до министерот за национална одбрана, Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Според АНА-МПА Хегсет му се заблагодарил на Дендиас за честитката по повод неговото назначување, но и за билатералната соработка и посочил дека САД и Грција, со децении имаат блиски одбранбени односи, како на билатерално ниво, така и во НАТО.

Дополнително додал дека ова во голема мера се должи на цврстата посветеност на Грција во поддршката на сојузничките приоритети, што се докажува со придонесот во мисиите на НАТО, за трошоците за одбраната од над два отсто од БДП, како и за воената база во Суда.

Хегсет, според истите информации, нагласил дека САД остануваат посветени на соработката со Грција и дека лично тој верува дека оваа соработка дополнително ќе се продлабочи во иднина, особено како што напредува учеството на Грција во програмата за Ф-35. 

На почетокот на месецов, Дендиас и Хегсет имаа телефонски разговор, а во фокусот беа билатералните одбранбени односи, како и регионалните и меѓународните безбедносни предизвици.

„За време на мојот прв телефонски разговор со министерот за одбрана секретарот за одбрана Пит Хегсет разговаравме за грчко – американските стратешките одбранбени односи, како и за нашите заеднички регионални и меѓународни безбедносни предизвици“, напиша тогаш Дендиас на Икс.

Зачлени се на нашиот е-билтен