Пазарот на канабис во Европската Унија е во пораст и се очекува да доживее голем раст во наредните години. Според претстојниот извештај од „Прохибишн партнерс“, пазарот на канабис во ЕУ годинава ќе достигне продажба од околу 1,2 милијарди долари, а до 2028 година се предвидува да се искачи на 2,6 милијарди долари. Во следните десет години, растот ќе биде дури 400 проценти, достигнувајќи шест милијарди долари.
Германија, како најголема економија во ЕУ и најголем легален пазар за марихуана во регионот, минатата година оствари продажба од околу 500 милиони долари. Очекувањата се дека до крајот на 2025 година пазарот ќе порасне речиси на една милијарда долари.
Велика Британија, која не е веќе дел од ЕУ по Брегзит, моментално има медицински пазар вреден околу 255 милиони долари. Холандија и Швајцарија веќе започнаа пилот-проекти за тестирање на рекреативната употреба на канабис, додека Полска, Чешка и други земји имаат медицински програми. Малта и Луксембург овозможуваат рекреативна употреба, а Франција предложи мерки за легализација на медицинскиот канабис.
Финансиски стимулации и подобра регулатива во ЕУ
За разлика од САД, каде што канабисот е легализиран во 38 држави и минатата година остварија продажба од 32 милијарди долари, пазарот на ЕУ сè уште е релативно мал, но со голем потенцијал за раст. Американските компании не можат да транспортираат канабис преку државните граници, додека во ЕУ е дозволено одгледување во една земја и извоз во целиот континент.
Бо Витни, основач на аналитичката компанија „Витни економикс“, вели дека Европа е премногу важен пазар за игнорирање, особено поради соработката со владите и финансиските стимулации, кои во САД ги нема. Во ЕУ, компаниите мора да имаат GMP сертификат за производство, што го ограничува бројот на конкуренти и ја зголемува сигурноста за инвеститорите.
Во САД, само 27 проценти од компаниите за канабис се профитабилни поради федералните забрани, високи даноци и регулативи. Иако поранешниот претседател Џо Бајден започна процес за релаксација на правилата, тој беше запрен од Агенцијата за борба против дрога (DEA), а реформите се ставени на чекање со доаѓањето на Доналд Трамп.
Пазарот во ЕУ е пофункционален
Земји како Германија интегрираат канабис во медицинскиот систем, со можност пациентите да добијат рецепт кај матичен лекар и да го подигнат производот од аптеки или да го нарачаат онлајн.
Американската компанија „Куралиф“ е најголемиот играч на европскиот пазар, со големо присуство во Велика Британија и повеќе земји на континентот. Во 2021 година ја купи „Емак Лајф Сајансис“, формирајќи „Куралиф Интернешнл“, што значително ја зајакна нивната позиција.
Минатата година, приходите на „Куралиф Интернешнл“ пораснаа за 72 проценти, достигнувајќи 105 милиони долари, додека американската филијала оствари приход од 1,2 милијарди долари.
Хуан Пабло Мартинез, извршен директор на „Куралиф Интернешнл“, верува дека пазарот на ЕУ ќе се натпреварува со оној во Америка, како што предвидел и основачот Борис Џордан.