Ало Скопје, Критично е!

Под слоганот „Ало Скопје, Критично е!“, вчера се одржа 13-тото издание на граѓанската иницијатива „Критична маса“

Организаторите на настанот на кој се собраа неколку стотини граѓани на велосипеди сер обединија околу неколку главни пораки:

Од град кој не толку одамна тргна на патеката да стане велоград и од град кој нижеше километри велосипедскa инфраструктура, веројатно според бројот на жители и најмногу на Балканов, станавме град во кој во официјалните градски соопштенија веќе нема такви вести.

Пред 10 или 5 години новооформените јавни простори е создадоа коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје.

Денес изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај може да се помине. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази.

Состојбата со безбедноста на пешаците и велосипедистите е во најмала рака иста, речиси и влошена, а можеше да биде подобрена. Нема посериозни инвестиции во смирување на сообраќајот. На градските улици секојдневно животот го губат луѓе, како да се на бојно поле.

Во името на овие грижи и на заложбите за еден пријателски град, граѓаните на велосипеди ги исполнија градските улици и покажаа дека, доколку се сака и се покаже упорност и волја, градот може да биде урбана средина со срце.

Фотографиите за оваа сторија се на Небојша Гелевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен