Целосен пресврт на Велика Британија, започнува вооружувањето: „Не можеме да ја игнорираме заканата“

Британскиот премиер Кир Стармер денеска, во понеделникот ја претстави новата стратешка одбранбена проценка и план на земјата, нагласувајќи ја важноста од обнова на националната одбрана и отпорност.

Како што најави, Обединетото Кралство ќе изгради нови нуклеарни подморници и војска подготвена за војна во Европа со зголемување на одбранбените распределби со цел да испрати порака до Москва, но и до Вашингтон.

Стармер рече дека Велика Британија „не може да ја игнорира заканата од Русија“ и најави дека неговата влада започнува со спроведување на најобемните промени во британските одбранбени политики од крајот на „Студената војна“. „Мораме да бидеме свесни дека светот се промени“, изјави Стармер за Би-Би-Си. „Со поголема нестабилност отколку што беше со многу години и со поголеми закани“, додаде тој.

Кир Стармер не ги откри сите детали од проценката, но даде неколку клучни индиции. Тој најави три „фундаментални промени“ во позицијата на Обединетото Кралство за изградба на војска за која рече дека ќе биде 10 пати посмртоносна до 2035 година.

Тој рече дека транзицијата во состојба на воена готовност ќе биде централна цел на вооружените сили“ и дека се што е направено ќе придонесе за јачината на НАТО, што значи дека одбранбената политика на Велика Британија „секогаш ќе биде НАТО на прво место“.

Кога станува збор за конкретни примери на инвестиции, тој најави изградба на шест нови фабрики за муниција, до 12 нови нуклеарни подморници – по стапка од една подморница на секои 18 месеци – инвестиција од 15 милијарди фунти (18 милијарди евра) во нуклеарната програма, развој и производство на нови ракети со долг дострел и инвестиции во одбранбените системи за воздух и ракетни системи на земјата, како што известуваат од Sky News.

Но, додека НАТО вели дека членките треба да се обврзат да потрошат 3,5 отсто од БДП за одбрана до 2032 година, владата на Стармер се обврзува да потроши 2,5 отсто до 2027 година и дека амбицијата е да достигне 3 отсто. но тој не откри кога Британија треба да започне со тоа ниво на трошоци за одбрана.

„Она што можете да го заклучите од ова е – да, тие 3 проценти, но јас, како премиер на лабуристичката влада, нема да се обврзам на точен датум додека не бидам сигурен од каде точно ќе дојдат парите и како можеме да ја исполниме таа обврска“, рече тој за Би-Би-Си.

Обединетото Кралство во моментов троши 2,3 отсто од БДП за одбрана.

Британскиот премиер рече и дека новата стратешка проценка ќе ја мобилизира нацијата во заедничка кауза. „Секој дел од општеството, секој граѓанин на оваа земја има своја улога бидејќи мораме да разбереме дека работите се сменија“, рече тој, нагласувајќи дека заканата со која се соочува Велика Британија е „посериозна, понепосредна и понепредвидлива отколку во кое било време по Студената војна“.

Тој ги истакна војната во Украина, „новите нуклеарни ризици“, секојдневните сајбер напади и руската агресивност во британските води и на небото, пренесува Јутарњи лист.

Новиот документ, чии детали се очекуваат во јавноста во текот на денот, е наменет како еден вид извештај за британските вооружени сили и нивните приоритети во наредните години, а Мајкл Кларк, воен аналитичар на Sky News, кој е вклучен во претходните стратегиски проценки и планови од 1998 година, рече дека никогаш не видел таков радикален пресврт како оној што го најави Стармер.

Сепак, како што истакнуваат дел од британските медиуми и коментатори, останува да се види каде ќе се најдат парите за реализација на овие планови, а предупредуваат дека потрошувачката од 3 проценти може да се покаже како недостижна, како што пишува „Тајмс“.

Зачлени се на нашиот е-билтен