Руските преговарачи и поставија два услови за прекин на огнот на Украина на денешните мировни преговори меѓу две делегации во Истанбул.
Според новинската агенција РИА, со првиот предлог, Русија бара Украина целосно да ги повлече сите свои сили од деловите на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје под контрола на Русија.
Друга опција, наведува РИА, би била „пакет“ договор кој вклучува голем број услови.
ТАСС наведува дека целосното повлекување на украинските вооружени сили од територијата под руска контрола „ќе мора да се спроведе во рок од 30 дена од прекинот на огнот“.
Во рускиот меморандум се наведува и барањето за меѓународно признавање на Крим, Донбас и Новоросија како дел од Русија, пренесува ТАСС.
Кремљ понатаму бара Украина да остане „неутрална“.
Додека украинската делегација сè уште зборуваше со новинарите, руските власти одржаа своја паралелна прес-конференција во дворот на палатата Чираган во Истанбул – симболична кулминација на денот обележан со тензични односи меѓу двете делегации и обиди на секоја да го контролира вниманието на собраните новинари. Украинската страна не дозволи пристап на руските медиуми до нејзиниот брифинг.
Главниот руски преговарач Владимир Медински изјави дека Москва денеска и предала на украинската страна меморандум кој содржи „чекори кон целосен прекин на огнот“. Дотогаш, Русија предлага „прекин на огнот од два до три дена во одредени области на бојното поле“, рече тој, без да прецизира во кои области.
Украинската страна постојано повторува дека клучните прашања не можат да се решат без прекин на огнот. „Дипломатите можат да зборуваат само кога пушките ќе замолчат“, рече портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георгиј Тихи.
Украинците не сакаа да ја коментираат содржината на рускиот меморандум, наведувајќи дека денеска првпат го виделе и дека треба да се проучи пред да дадат каков било одговор.
Киев со недели изразува сомневање за сериозноста на руската страна, а денешните разговори покажаа напредок само во ограничените хуманитарни области – размената на воени заробеници – додека, како што наведува украинската страна, Москва продолжува да избегнува суштински преговори за завршување на војната.
Медински рече дека Русија следната недела ќе и предаде на Украина 6.000 тела на загинати украински војници, како дел од размената во која Киев пак ќе предаде исто толку тела на руски војници.
Кога станува збор за размената на заробеници, руската страна најави дека ќе вклучи „најмалку 1.000 војници од наша страна“, додека Украина нагласи дека приоритет ѝ е на размената на одредени категории затвореници – тешко повредени и оние на возраст од 18 до 25 години, без да го прецизира точниот број. Медински потврди дека размената ќе ги опфати „сите болни и ранети“.
Една од клучните теми на денешната средба беше списокот на украински деца кои Киев сака да ги врати од Русија. Според министерот за одбрана Рустем Умеров, станува збор за „неколку стотици“ деца. Киднапирањето на детето веќе е предмет на меѓународна потерница издадена од Меѓународниот кривичен суд против рускиот претседател Владимир Путин и неколку руски функционери.
Медински потврди дека Украина денеска го доставила списокот, велејќи дека содржи „339 имиња“, но одби да коментира дополнително на оваа тема.