Грчката Влада воведува програма „Фотоволтаици на покрив“ што ќе им даде можност на граѓаните и земјоделците да произведуваат струја за сопствена употреба со инсталирање на мал фотоволтаик, во комбинација со систем за складирање (батерија), јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција соопштија дека вкупниот буџет на програмата е 238 милиони евра и е од средствата од Фондот за закрепнување и отпорност, а планирани се субвенции меѓу 45 и 75 отсто за домаќинствата и од 40 до 60 проценти за земјоделците.
Вкупната субвенција на фотоволтаичниот систем со батерија може да достигне и до 16.000 евра за домаќинствата и 10.000 евра за земјоделците.
Секое физичко лице може да поднесе само едно барање, за едно живеалиште, кое има активно домашно снабдување со електрична енергија, додека пак земјоделците можат да поднесат повеќе од едно барање.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас рече дека продолжуваат да креираат иновативни програми кои придонесуваат за стабилно намалување на сметките за електрична енергија на граѓаните.
-Со програмата „Фотоволтаици на покрив“, правиме одлучувачки чекор кон енергетска демократија, бидејќи илјадници домаќинства и земјоделци ќе добијат енергетска независност, произведувајќи и складирајќи сопствена одржлива енергија, истакна Скрекас.