Од кобниот автобус до укинатата пресуда – седум години „Ласкарци“

Шеснаесет загинати, десетици повредени, повеќе од сто судски рочишта, вештачења, супервештачења, шест осудителни пресуди и вкупно 53 години затвор. Седум години по автобуската трагедија кај Ласкарци, предметот повторно се враќа пред Апелациониот суд, откако Врховниот суд ја укина правосилната второстепена пресуда.

Одлуката на Врховниот суд не значи дека шестемина обвинети се прогласени за невини. Судот утврдил дека Апелација не дала доволно конкретни одговори за тоа како дејствијата или пропустите на секој од осудените поединечно придонеле за несреќата и врз кои докази се темели таквиот заклучок.

Со тоа случајот „Ласкарци“ влегува во нова фаза. Еве како се развиваше еден од најдолгите и најтешките судски процеси за сообраќајна несреќа во Македонија.

13 февруари 2019 – автобусот излетува кај Ласкарци

Попладнето на 13 февруари автобус на „Дурмо турс“, кој сообраќал на редовната линија Скопје – Гостивар со 55 патници, ја пробил заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово, преминал на спротивната страна од коловозот, излетал од патот и се превртел кај селото Ласкарци.

Првично беше потврдена смртта на 13 лица, а голем број патници беа пренесени во скопските болници со тешки повреди. Обвинителството уште истиот ден започна увид, нареди обдукции, вонреден технички преглед на автобусот и анализи на крв и урина од возачот.

16 февруари 2019 – бројот на жртви се зголемува на 15

Три дена по несреќата на КАРИЛ почина уште еден од тешко повредените патници. Бројот на загинати се зголеми на 15.

20 март 2019 – трагедијата ја зема и 16-тата жртва

По речиси 40 дена лекување почина и млада девојка која во несреќата се здобила со тешки повреди. Таа стана 16-тата жртва на Ласкарци.

Јули 2019 – обвинение против шест лица

По повеќемесечната истрага, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против шест лица.

На обвинителна клупа се најдоа сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски.

Според обвинението, Белули и Мифтари не ги почитувале прописите за безбедност на автобускиот превоз, а автобусот бил пуштен во сообраќај и покрај техничките проблеми. Обвинителството тврдеше и дека возачот пред несреќата се движел со 99 километри на час.

1 август 2019 – судот го одобрува обвинението

Кривичниот суд во целост го одобри обвинителниот акт и го формираше предметот кој подоцна во јавноста стана познат едноставно како „Ласкарци“.

5 септември 2019 – почнува судењето

Помалку од седум месеци по несреќата започна главната расправа. Сите шестмина обвинети се изјаснија дека не се виновни.

Обвинителот Дарко Јакимовски уште во воведниот збор тврдеше дека трагедијата била резултат на повеќе наталожени пропусти, а не на еден изолиран дефект или грешка.

Есента 2019 – семејствата влегуваат во постапката

Семејствата на загинатите и дел од преживеаните патници се приклучија кон кривичниот прогон и најавија барања за отштета. Почнаа сослушувањата на очевидци, преживеани патници и вешти лица.

2019-2021 – судењето се претвора во маратон

Следуваа десетици рочишта, сведочења и презентација на технички и сообраќајни вештачења.

Клучниот спор постепено се концентрираше околу две прашања – во каква техничка состојба бил автобусот и што точно направил возачот во секундите пред излетувањето.

Различните стручни наоди за овие прашања подоцна ќе станат една од причините процесот дополнително да се одолжи.

11 ноември 2021 – судот бара супервештачење

По речиси две години судење, Кривичниот суд нареди да се направи супервештачење.

Една од причините биле разликите меѓу постојните вештачења, особено во однос на прашањето дали возачот се обидел да сопира непосредно пред несреќата. До тој момент веќе беа одржани повеќе од сто рочишта.

2022 – никој не сака да го прави супервештачењето

Процесот влезе во нов застој откако факултетите на кои им било понудено да го изготват супервештачењето одбиле – дел затоа што нивни експерти веќе учествувале во претходните вештачења, а дел поради недостаток на соодветна компетентност.

Предметот потоа беше испратен во Бирото за судски вештачења, кое формираше тим од лиценцирани експерти.

27 декември 2022 – конечно пристигнува супервештачењето

Повеќе од една година по судската наредба, беа завршени машинското и сообраќајното супервештачење.

Стручните наоди повторно го отворија прашањето за техничката исправност на автобусот, сопирачкиот систем и однесувањето на возачот.

24 јануари 2023 – судењето формално тргнува од почеток

Постапката формално започна одново. За да не се повторуваат повеќегодишните изведувања на сите докази, странките се согласија претходно изведените докази да бидат прочитани, а процесот да продолжи со супервештачењата.

Следуваа месеци сослушувања на машински и сообраќајни експерти.

25 јануари 2024 – првата пресуда по речиси пет години

Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни сите шестмина обвинети.

Маноил Трифуновски, возачот на автобусот, доби 14 години затвор.

Ремзи Мифтари беше осуден на шест години.

Дурмиш Белули доби четири години.

Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски добија по пет години затвор.

Вкупната казна изнесуваше 39 години. Судот оцени дека постоеле технички неисправности и пропусти поради кои автобусот не требало да биде пуштен во јавен сообраќај.

Семејствата на загинатите реагираа дека казните се преблаги и дека очекувале максимални санкции.

17 април 2025 – Апелација ги зголемува казните

Апелациониот суд ја преиначи првостепената пресуда во делот на казните.

Дурмиш Белули од четири доби 10 години затвор.

Ремзи Мифтари од шест доби 10 години.

Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски од по пет добија по седум години.

За Јане Боварски останаа пет години, а за возачот Маноил Трифуновски остана казната од 14 години.

Со тоа вкупната затворска казна за шестемина се зголеми од 39 на 53 години.

9 септември 2026 – Врховниот суд ја укинува апелациската пресуда

По барања за вонредно преиспитување поднесени од осудените, Врховниот суд ја укина пресудата на Апелација и го врати предметот на повторно постапување и одлучување.

Причината не е заклучок дека обвинетите се невини.

Врховниот суд оценил дека пониските судови не објасниле доволно прецизно каков бил индивидуалниот придонес на секој обвинет во настанувањето на несреќата.

Посебно се посочува односот меѓу техничката неисправност на автобусот и однесувањето на возачот. Во супервештачењата биле констатирани технички недостатоци, но истовремено било наведено и дека нема траги од сопирање. Според Врховниот суд, Апелација требало многу попрецизно да објасни како овие факти влијаат врз кривичната одговорност на секој од осудените.

Врховен забележал и дека не биле целосно одговорени дел од жалбените наводи, меѓу нив и прашањето за дополнително вештачење на здравствената состојба на возачот.

Септември 2026 – „Ласкарци“ повторно пред Апелација

Седум и пол години по несреќата, предметот сега повторно е кај Апелациониот суд.

Тоа не значи автоматски ново судење од првото рочиште. Апелација повторно треба да одлучува за жалбите и да ги отстрани недостатоците посочени од Врховниот суд. Во зависност од новата одлука и законските услови, второстепениот суд може да ја потврди или преиначи првостепената пресуда, а постои и можност предметот повторно да биде вратен пред Кривичниот суд.

Така, седум години по трагедијата во која 16 луѓе ги загубија животите, случајот „Ласкарци“ повторно нема правосилна судска разрешница.

На почетокот прашањето беше што го урна автобусот. Потоа – кој бил одговорен за техничката состојба, кој знаел за неисправностите и што направил возачот непосредно пред несреќата.

Денес прашањето е уште попрецизно – дали судовите успеале доказите да ги поврзат со конкретната одговорност на секој од шестемина обвинети.

Токму на тоа сега повторно ќе треба да одговори Апелација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?