Кога се остамостјуваат Македонците и Грците а кога Финците од своите родители?

Младите во Македонија го напуштаат домот од своите родители на просечна возраст од 30,7 години, речиси истовремено со младите Грци, кои се осамостојуваат на 30,9 години. Во Финска, пак, преселувањето се случува уште на 21,4 години, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година.

Разликата меѓу Македонија и Финска изнесува 9,3 години, а меѓу Грција и Финска дури 9,5 години. Македонските и грчките млади во просек остануваат со родителите и повеќе од четири години подолго од просекот во Европската Унија, кој изнесува 26,3 години.

Во пошироката европска споредба, младите најдоцна го напуштаат домот на своите родители во Хрватска – на 31,5 години. Следуваат Грција и Словачка со 30,9, а веднаш зад нив е Македонија со 30,7 години. Во Шпанија и Италија преселувањето се случува на просечна возраст од 30,2 години.

На другиот крај од табелата се Финска со 21,4 години, Данска со 21,8, како и Естонија и Литванија со по 22,7 години. Практично, додека еден просечен млад Финец веќе неколку години живее одвоено од родителите, неговиот врсник во Македонија или Грција сè уште е дел од родителското домаќинство.

Евростат укажува дека во земјите во кои младите порано се осамостојуваат, најчесто е повисока и стапката на вработеност кај лицата од 20 до 29 години. Холандија, Данска, Германија и Шведска имаат и порано иселување и повисока младинска вработеност, додека јужноевропските земји покажуваат спротивен тренд.

Врз одлуката за напуштање на семејниот дом влијаат и достапноста на становите, висината на кириите, приходите, стабилноста на работните места, државната поддршка и семејните навики. Затоа разликата од речиси една деценија не зборува само за различен начин на живот, туку и за нееднакви можности за економска самостојност.

Податокот не значи дека секој млад човек во Македонија живее со родителите до 30,7 години. Индикаторот ја покажува возраста на која половина од младото население веќе не живее во исто домаќинство со родителите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?