Неформалната граѓанска иницијатива бара ДКСК да ја испита целата постапка, а Народниот правобранител да утврди дали на граѓаните им биле скриени информации за трошењето на средствата.
Неформалната граѓанска иницијатива „Мегафон“ поднесе барање до Државната комисија за спречување на корупцијата и до Народниот правобранител за итна проверка на планирањето, финансирањето, изборот на организаторите и исплатите за прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Според јавно објавените информации наведени во иницијативата, организацијата ѝ била доверена на „Државна лотарија“, која обезбедила околу 300 милиони денари од нераспределената добивка. Вкупната вредност на прославата, заедно со средствата од приватни компании, била проценета на околу 340 милиони денари, односно приближно 5,5 милиони евра.
„Мегафон“ бара да се провери зошто јавниот повик не бил спроведен преку системот за јавни набавки, туку според Законот за спонзорства и донации, како и дали условите биле однапред приспособени за конкретен организатор или изведувач. На повикот, според иницијативата, пристигнала само понуда од „Стардаст“ ДООЕЛ, поврзано со брендот „Авалон“.
Посебно се бара проверка на можен судир на интереси бидејќи член на комисијата што ја разгледувала понудата подоцна бил ангажиран како автор на оркестрации и учесник во програмата. Според „Мегафон“, ДКСК веќе разгледува предмет поврзан со оваа околност, но иницијативата бара истрагата да се прошири врз целата постапка.
Во фокусот се и договорите со домашните и странските изведувачи, фактурите, анексите, подизведувачите и конечните исплати, кои не биле целосно објавени. Од институциите се бара да проверат дали клаузулите за доверливост штитат легитимни деловни податоци или се користат за прикривање износи и информации од јавен интерес.
Од ДКСК се бара да испита евентуално фаворизирање компании и артисти, неекономично трошење, политичко влијание и можни неправилности во исплатите. Доколку бидат откриени индиции за кривично дело, Комисијата се повикува да го извести Јавното обвинителство.
Од Народниот правобранител, пак, се бара да утврди дали со необјавувањето на документацијата е повредено правото на граѓаните на транспарентно управување со јавните средства и да препорача објавување на договорите, понудите, фактурите, донациите и конечниот финансиски извештај.
„Мегафон“ побара институциите веднаш да обезбедат зачувување на електронската комуникација, записниците, банкарските налози и другите релевантни материјали. Во иницијативата се нагласува дека таа не претставува тврдење дека е извршено кривично дело, туку барање јавно објавените сомневања да бидат независно и темелно проверени.

