Секое семејство во Македонија има свој рецепт за ајвар. Некој додава модар патлиџан, друг лук, трет малку оцет или шеќер. Баба Љуба важи како врвна мајсторка за правење на ајвар а ја затекнавме и ја прашавме која е нејзината тајна.
Според баба Љуба од Струга, добриот ајвар не бара многу состојки. Потребни се добра пиперка, трпение и неколку правила што не треба да се прескокнуваат.
Нејзината формула е едноставна: ајварот треба да има вкус на печена пиперка, а не на масло, оцет или зачини.
За една домашна тура потребни се:
- 10 килограми зрели и месести црвени пиперки, најдобро куртовска капија или ајварка
- 500 до 600 милилитри сончогледово масло
- 35 до 45 грама сол
- една или две лути пиперки, ако сакате пикантна варијанта
И тоа е речиси сè. Доколку подготвувате поголема количина, само ги дуплирате состојките (освен лутите пиперки, за да не добиете нешто што е „ифрит“ луто.
Пиперката го прави ајварот
Најважно е да се изберат зрели, цврсти и месести пиперки. Колку се подебели и посуви, толку повеќе ајвар ќе се добие и толку помалку време ќе биде потребно за пржење.
Пиперките треба добро да се испечат од сите страни. Најубав вкус се добива на плотна, скара или шпорет на дрва, каде лушпата може добро да потемни, а внатрешноста да остане сочна.
Веднаш по печењето се ставаат во покриен сад и се оставаат кратко да се запарат. Така многу полесно се лупат.
И тука доаѓа едно од најважните правила.
Пиперките по лупењето не се мијат со вода.
Со миењето се губи дел од аромата на печената пиперка, а истовремено во смесата се додава непотребна влага.
Тајната е во цедењето
Исчистените пиперки треба да се остават добро да се исцедат.
Најдобро е да останат во голема цедалка или чиста мрежеста вреќа преку ноќ, околу осум до 12 часа.
Токму овој чекор многумина го скратуваат, а тој прави огромна разлика.
Колку помалку вода остане во пиперките, толку поконцентриран ќе биде вкусот и толку полесно ќе се добие густ ајвар.
Следниот ден пиперките се мелат на машина за месо, најдобро со средна решетка.
Блендерот не е најдобар избор. Тој ја претвора пиперката во премногу мазна каша, а вистинскиот домашен ајвар треба да биде кремаст, но сепак да ја задржи природната структура на пиперката.
Маслото не се става одеднаш
Смелените пиперки се ставаат во широк сад со дебело дно и најпрво се загреваат без целото масло.
Првите дваесетина минути треба да испари преостанатата влага.
Потоа маслото се додава постепено, во неколку наврати.
Ова е уште една од тајните на добриот ајвар – пиперката треба постепено да го впие маслото. Ако целата количина се истури одеднаш, лесно може да се добие премногу мрсен намаз.
Ајварот се пржи на средна до тивка температура со редовно мешање. Кон крајот мешањето мора да биде речиси постојано, бидејќи густата смеса лесно се лепи за дното.
Во зависност од садот и од тоа колку добро биле исцедени пиперките, пржењето може да трае од час и половина до два и пол часа.
Како се знае дека е готов?
Не е потребен часовник.
Поминете со дрвената лажица по дното на тенџерето. Ако остане јасна трага и дното се гледа неколку секунди пред смесата повторно да се спои, ајварот е при крај.
Треба да биде густ, сјаен и тежок кога паѓа од лажицата.
На површината не треба да има одвоено масло.
Солта се додава кон крајот. На 10 килограми свежи пиперки може да се почне со околу 35 грама, а потоа постепено да се дотерува вкусот.
Најдобро е мала количина да се остави да се излади пред пробување, бидејќи многу врелиот ајвар го прикрива вистинскиот вкус.
Без шеќер, без оцет и без премногу додатоци
Ако пиперките се зрели и квалитетни, не е потребен шеќер.
Ниту оцетот е неопходен. Тој може да ја пресече природната сладост и аромата на печената пиперка.
Истото важи и за лукот – може да биде вкусен додаток, но лесно го презема главниот вкус.
Баба Љуба има едноставна логика: ако правите ајвар, треба да се чувствува пиперката.
За оние што сакаат малку покремаста верзија, на 10 килограми пиперки може да се додадат два големи печени и добро исцедени модри патлиџани. Но не повеќе – инаку ајварот почнува да личи на друга зимница.
Последните 15 минути се најважни
Пред крајот температурата може малку да се намали и ајварот да се остави уште десетина до петнаесет минути со постојано мешање.
Тогаш вкусот станува подлабок, бојата потемна, а природната сладост на пиперката уште поизразена.
Од 10 килограми квалитетни свежи пиперки обично се добиваат околу четири до пет килограми готов ајвар, зависно од сортата и колку долго се пржи.
И можеби токму затоа добриот ајвар никогаш не бил евтина зимница. Зад една тегла стојат часови печење, лупење, цедење, мелење и мешање.
Но кога на крај ќе се отвори топла тегла, ќе се пресече парче леб и ајварот ќе остане густ на него без да пушта масло, тогаш е јасно зошто рецептот со генерации останува ист.

