Од „го решаваме проблемот“ до „осум месеци без плод“ за превозниците

Во јануари од Владата стигнаа „одлични вести“, во февруари решението се очекуваше „во најскоро време“, во април преговорите „одеа добро“, во јули Македонија наводно веќе „самостојно и успешно“ го решаваше проблемот, а на почетокот на септември излезот беше „на повидок“. На 16 септември, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски призна дека по осум месеци разговори сè уште нема целосно решение за македонските превозници.

„Веќе осум месеци имаме разговор и дијалог што не вродува со сериозен плод“, изјави Николоски пред австриски стопанственици, барајќи помош за договор со Австрија за долгорочни визи за професионалните возачи.

Тоа е значително поинаква слика од онаа што беше претставена на 29 јануари, по протестите и блокадите на превозниците. Тогаш Николоски објави дека од Брисел пристигнале „одлични вести“, дека македонските ставови биле прифатени и дека возачите биле препознаени како професионалци. „Тоа е тоа што го баравме“, напиша тој, додавајќи дека новата европска визна стратегија „ќе значи решавање на проблемот“.

Но документот што Европската комисија го усвои истиот ден не го укина правилото 90 дена престој во период од 180 дена за професионалните возачи. Во стратегијата Брисел само констатираше дека категории со висока мобилност, меѓу кои и возачите на камиони, можат да имаат потреба од престој подолг од 90 дена и најави дека ќе бара „прагматични решенија“, вклучително и можност за нови европски правила. Тоа беше отворање процес, а не готово решение.

Веќе следниот ден Европската комисија јавно потврди дека правилото 90/180 останува во сила и дека за престој над тој лимит е потребна долгорочна виза или дозвола за престој. На прашањето кога би можело да има ново решение за професионалните возачи, Комисијата тогаш немаше конкретен рок.

Сепак, оптимистичните најави од Скопје продолжија.

На 20 февруари Николоски рече дека прашањето е „високо на агендата во Брисел“ и дека решение се очекува „во најскоро време“. Во дел од неговите настапи тогаш беше најавувано дека проблемот ќе биде решен пред почетокот на целосната примена на новиот систем.

На 5 април тој повторно оцени дека „преговорите одат добро“ и дека до 30 септември има доволно време да се завршат потребните процедури.

Во јули реториката беше уште пооптимистична. Николоски изјави дека Македонија „самостојно и успешно го решава проблемот“, дека веќе се издаваат долгорочни визи и дека разговорите со повеќе европски земји се во напредна фаза.

На 2 септември следуваше нова порака – „излезот за превозниците е на повидок“. Како решение повторно беа посочени билатералните договори со членките на Шенген за издавање долгорочни визи.

Две недели подоцна, сепак, Николоски признава дека разговорите „не вродуваат со сериозен плод“ и дека заедничко решение на ниво на Шенген очигледно нема. Според него, сега единствениот реален пат е Македонија одделно да договара долгорочни визи со што е можно повеќе земји.

Токму тука е суштината на проблемот. Билатералните договори можат да им помогнат на превозниците, но не претставуваат единствено европско изземање од правилото 90/180. Европската комисија и на 1 септември повтори дека за професионалците со потреба од подолг престој сегашните опции се долгорочни визи, дозволи за престој и национални договори, додека пошироко европско решение сè уште се разгледува.

Затоа, проблемот што во јануари беше претставен како да влегува во завршница, осум месеци подоцна останува отворен. Има поместување – Брисел го призна специфичниот статус на професионалните возачи и некои држави отворија можности за долгорочни визи – но нема системско решение што ќе им овозможи на македонските превозници непречено да работат низ целата Шенген-зона.

За транспортните компании тоа не е семантичка разлика. Правилото 90/180 директно влијае врз тоа колку долго возачите можат да бидат на европските патишта, како компаниите ги организираат турите и дали можат навреме да ја испорачаат стоката.

Осум месеци по „одличните вести од Брисел“, денешната изјава на Николоски практично покажува дека тогаш беше постигнат политички напредок и признавање на проблемот – но не и негово конечнo решавање.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?