Со европски пари до подобри училишта, 30 објекти добиваат сали и опрема

Триесет основни и средни училишта низ Македонија добиваат реконструирани спортски сали и нова опрема преку проект вреден околу три милиони евра, кофинансиран од Министерството за образование и наука, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Развојната банка на Советот на Европа.

Едно од училиштата опфатени со проектот е ООУ „Панајот Гиновски“ во Бутел, каде денеска беа претставени резултатите од инвестицијата на настанот „Учи, играј, расти“.

Проектот опфаќа рехабилитација на објекти за физичко образование и набавка на спортска опрема, со цел учениците да добијат подобри услови за часовите по физичко и здравствено образование, но и за спортски тренинзи.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека европските и меѓународните партнери имаат значајна улога во подобрувањето на образовната инфраструктура.

„Училиштето треба да биде место во кое учениците со задоволство доаѓаат, место каде се чувствуваат сигурно, прифатено и мотивирано да учат, да се развиваат и да го достигнат својот целосен потенцијал“, рече Јаневска.

Според неа, покрај инвестициите во спортските училишни капацитети, во последните две години Владата реализирала или започнала уште 90 проекти во образовната инфраструктура во повеќе општини.

„Не смееме да го заборавиме ниту едно училиште и ниту една локална заедница. Ќе продолжиме чекор по чекор, со поддршка од партнерите и со јасна цел – секое дете да има квалитетни и достоинствени услови за образование“, рече министерката.

На настанот присуствуваа и евроамбасадорот Михалис Рокас, амбасадорите на Италија, Шпанија и Франција – Паоло Палминтери, Рафаел Сориано Ортиз и Кристоф Ле Риголер, како и вицегувернерот на Развојната банка на Советот на Европа, Томас Бочек.

Тие оценија дека инвестициите во образовната инфраструктура треба да продолжат, а како еден од клучните приоритети беше посочено подобрувањето на условите во училиштата и спортските објекти.

Проектот почна да се реализира во 2024 година, а до завршувањето на сите градежни активности неговата вкупна вредност треба да достигне околу три милиони евра.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?