Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека Обвинителството сè уште го анализира финансирањето на прославата за 35 години независност на Македонија и засега нема одлука дали ќе биде отворен предмет.
„Секоја ситуација, вклучително и оваа, обвинителството ја анализира и доколку најде основи, ќе постапи“, рече Савески. Тој нагласи дека постапката на Државната комисија за спречување на корупцијата не е поврзана со евентуалното постапување на Обвинителството.
Прашањето се отвори по информациите дека прославата на независноста чинела околу 5,5 милиони евра. Опозицијата веќе четврти ден бара Јавното обвинителство да го испита начинот на финансирање, договорите и текот на средствата.
Антикорупциската комисија во меѓувреме отвори сопствен предмет, кој се однесува на можен судир на интереси поврзан со Николче Мицевски. Тој бил член на комисијата која ја оценувала програмата на фирмата „Стардаст“, а подоцна бил ангажиран како автор на оркестрациите во рамките на концертот на Хозе Карерас.
Од ДКСК најавија дека ќе ја утврдуваат фактичката состојба и потоа ќе донесат одлука на јавна седница. Обвинителството, пак, засега останува на ставот дека прво треба да утврди дали постојат кривично-правни основи за постапување.

