Општина Аеродром почна со изработка на проект за нов сообраќаен режим во Мичурин и Стар Аеродром, со кој се предвидуваат 415 нови паркинг-места, еднонасочни улици и нови велосипедски патеки. Проектот ги опфаќа улиците „Владимир Комаров“ и „Симеон Кавракиров“.
Според градоначалникот Дејан Митески, целта е подобро да се искористи постојниот уличен простор и истовремено да се намали сообраќајниот метеж во двата густо населени делови на Аеродром.
Во Стар Аеродром се планираат околу 200 нови паркинг-места, а во Мичурин уште 215. Со проектот треба да се воведе и поинаква организација на движењето на возилата, со повеќе еднонасочни улици.
„Со новиот режим ќе се овозможи подобро и поефикасно искористување на уличниот простор, со поорганизирано движење на возилата и создавање дополнителен простор за паркирање и велосипедскиот сообраќај“, соопшти Митески.
Според најавата, новата организација треба да остави повеќе простор и за велосипедистите и пешаците, а крајната цел е побезбеден и пофункционален сообраќај во Мичурин и Стар Аеродром.
Проектот засега е во фаза на изработка, што значи дека предложениот режим и бројот на паркинг-места допрва треба да бидат финализирани пред да почне реализацијата.

