Кој дозволил жичницата да превезува патници? Ѓорѓиевски без одговор за одговорноста

Три од четирите безбедносни сензори на Жичницата на Водно не работеле додека таа секојдневно превезувала патници, а носечките и влечните сајли биле оштетени под дозволениот безбедносен минимум. Ова го соопшти градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, повикувајќи се на наодите од проверката на австрискиот производител „Допелмаер“.

Откритието ја потврдува сериозноста на одлуката Жичницата да биде затворена, но истовремено отвора многу потешко прашање: кој дозволил таа да работи во таква состојба и дали некој ќе понесе одговорност?

„Во Швајцарија имало несреќа во која загинала една госпоѓа поради нефункционалност на еден од четирите сензори. Кај нас три од четири не функционираа“, изјави Ѓорѓиевски во телевизиско интервју.

Скопскиот градоначалник најави дека по реконструкцијата лично ќе се вози со Жичницата заедно со директорот на ЈСП и со вработените, за да покаже дека таа е безбедна. Но личното тестирање на градоначалникот не може да биде замена за објавување на целосниот стручен извештај, нов сертификат и утврдување одговорност за претходното работење.

Хронологијата дополнително ги засилува сомнежите. Во август 2025 година ЈСП уверуваше дека Жичницата е безбедна, дека поседува важечки сертификат и дека вонредниот инспекциски надзор на Министерството за транспорт не открил технички недостатоци. Тогаш информациите за небезбедност беа нарекувани шпекулации и создавање паника.

Јавно достапните податоци покажуваат и дека во 2023, 2024 и 2025 година биле склучувани договори за технички прегледи на Жичницата. Наспроти тоа, Ѓорѓиевски во мај годинава соопшти дека објектот за 15 години немал целосен сервис од производителот и дека поради истрошените делови и неисправните сензори постоел ризик да се откачи гондола.

Жичницата беше затворена на 25 април. Првично, ЈСП најави прекин од само два дена поради проширени технички контроли, но по увидот на „Допелмаер“ таа остана надвор од употреба. Во јуни Град Скопје обезбеди 350.000 евра за сервисирање, со најава дека работите ќе завршат во септември.

Според последната изјава на Ѓорѓиевски, договорот со „Допелмаер“ е склучен, а наскоро треба да пристигнат стручни екипи и оригинални резервни делови. По санацијата ќе следуваат завршна проверка, нов сертификат и гаранции за вградената опрема.

Сепак, останува необјаснето кога престанале да работат трите сензори, колку долго Жичницата превезувала патници во таква состојба, кој ги потпишувал техничките прегледи и сертификатите и дали наодите се доставени до инспекциските и истражните органи. Ѓорѓиевски ја соопшти опасноста, но Градот допрва треба да соопшти имиња, датуми и институционална одговорност.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?