Цената на литарската кригла достигна 15,90 евра, а долгорочниот раст далеку ја надмина германската инфлација.
Октоберфест годинава ќе донесе рекордни цени во Минхен. Посетителите за една литарска кригла фестивалско пиво ќе плаќаат од 14,80 до 15,90 евра, зависно од шаторот, покажува официјалниот ценовник за фестивалот што почнува на 19 септември.
Просечната цена ќе изнесува 15,61 евро. Тоа значи дека еден пар ќе плати околу 31 евро само за првата тура, додека четири литарски пива – по две за секој – ќе чинат 62,44 евра. Во најскапите шатори сметката ќе достигне 63,60 евра, без храна и бакшиш.
Во повеќето големи шатори литар пиво ќе чини 15,80 или 15,90 евра. Меѓу поевтините останува „Аугустинер“, каде цената ќе биде 14,90 евра, додека белото пиво во винскиот шатор на „Куфлер“ ќе достигне дури 18,40 евра.
Ниту безалкохолните пијалаци не се евтини. Просечната цена на литар вода ќе биде 11,13 евра, лимонадата ќе чини 12,47 евра, а популарниот германски пијалак „шпеци“ во просек 12,84 евра.
Германските медиуми посочуваат дека во 1985 година просечната цена на литар пиво на Октоберфест, пресметана во денешната валута, изнесувала околу 3,20 евра. За четири децении цената пораснала речиси петпати, односно за околу 400 проценти. Во истиот период, општото ниво на потрошувачките цени во Германија пораснало за приближно 120 проценти.
Сепак, овогодишното поскапување од 2,38 проценти е поумерено од долгорочниот раст. Организаторите и угостителите повисоките цени ги објаснуваат со трошоците за работна сила, енергија, храна, логистика, поставување и работа на огромните фестивалски шатори.
Градот Минхен не ги определува цените, туку само проверува дали се оправдани во споредба со цените во поголемите градски ресторани. Со шест до седум милиони испиени литри во просечна фестивалска сезона, и најмалото поскапување се претвора во милионски дополнителен трошок за посетителите.

