МТВ ќе бара нови ѕвезди и се обидува повторно да ја освои широката публика со враќање на „Македонски идол“ и „Икс фактор“, но и со детска радиодрама, детски хор, подкасти и нови информативни емисии, беше најавено на прес-конференција на јавниот сервис одржана денес во Скопје.
Новата програмска шема треба да донесе мешавина од популарни светски формати, содржини за најмладите и емисии што ќе отвораат актуелни општествени теми. Најавите ги презентираше уредникот на Првиот програмски сервис, Стојан Трпчевски, заедно со дел од уредниците и водителите на МТВ.
Најголемо внимание привлекува враќањето на музичките натпревари „Македонски идол“ и „Икс фактор“, преку кои јавниот сервис ќе бара нови пејачи, сценски личности и музички приказни. Кај „Икс фактор“, покрај гласовните способности, ќе се оценуваат харизмата, сценската храброст и способноста на натпреварувачите да ја освојат публиката.
Третиот договорен светски формат е квизот „Пасворд“, во кој натпреварувачите преку асоцијации ќе се обидуваат да ги откријат зададените поими. Од МТВ најавуваат дека концептот ќе биде динамичен и приспособен за заедничко семејно гледање.
Програмската промена не се ограничува само на големите телевизиски шоуа. Јавниот сервис планира да ги врати детската радиодрама и детскиот хор, како и фестивалите наменети за деца и за возрасна публика. Со тоа, во програмата повторно треба да добијат место содржини што со години беа дел од препознатливиот идентитет на Македонската радио-телевизија.
Во информативниот сегмент, покрај политичкиот магазин „360 степени“, се најавуваат и три нови формати – „Без наслов“, „Со повод“ и „Надворешна“. Во нив новинари и гости ќе дебатираат за политички и општествени прашања, со намера да се отвори поголем простор за различни ставови и директна размена на мислења.
Централниот дневник ќе трае еден час, а дел од дополнителното време треба да биде посветено на културата и на македонската дијаспора. Според Трпчевски, преку соработка со Агенцијата за иселеништво, Македонци што живеат во странство ќе можат волонтерски да се вклучуваат во програмата и да известуваат од средините во кои живеат.
За викендите се подготвуваат емисиите „Женски муабети“ и „Напладне“, додека во попладневните и вечерните термини ќе се емитуваат подкасти со новинари, музичари, актери и гости од различни области. Меѓу најавените водители се Пеце од „Суперхикс“, Нора Шаќири, Ивана Кнез и Катерина Топалова.
Промени се најавени и на МРТ 3, кој треба да ѝ даде поголем простор на македонската музика и на младите таленти. Јавниот сервис истовремено го подготвува и враќањето на Македонија на Евровизија во 2027 година, по петгодишна пауза, но начинот на кој ќе биде избран претставникот сè уште не е утврден.

