Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски: Забрана за влез на европратеник и други бугарски политичари заради дејствијата кои ги преземаат против нашата држава

Стево Пендаровски

Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа 18-та седница на Советот за безбедност, на чиј дневен ред беше безбедносната состојба во Република Северна Македонија и евро-атлантскиот регион.

Покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот, беа присутни и директорот на Агенцијата за разузнавање, директорот на Агенцијата за национална безбедност и началникот на Генералштабот на Армијата.

На седницата се дискутираше за актуелната безбедносна состојба во земјава, во нашиот регион и во поширокиот евро-атлантски простор.

На почетокот на седницата, министерот за надворешни работи реферираше за неговата посета на Украина и првите недели од нашето претседавање со ОБСЕ.

ОБСЕ беше тема на Советот за безбедност затоа  што е пред сѐ, организација за безбедност, во која членуваат 57 држави, од САД и  Канада, сѐ до Русија и Централна Азија.

Главен предизвик е, и ќе биде, за жал војната во Украина, затоа неодамна и испративме амбасадор во Москва, во случај да треба олеснување или воспоставување на контакти меѓу Русија и Украина, покрај другите субјекти кои тоа можат да го направат и ние сме на располагање, заради улогата на претседавачи со ОБСЕ која ја имаме оваа година, смета Пендаровски.

За состојбата на Косово, реферираа министерката за одбрана и началникот на Генералштабот.

Како што имформираше претседателот, таму имаме војници во КФОР кои во моментов, не се ангажирани на северот од земјата, но, се дел од заедничката мисија; имаме и офицери во командата на мисијата во Приштина кои се дел од процесот на централно планирање.

Добра вест е дека таму состојбата се смирува, во тек се дипломатски иницијативи во кои се вклучени неколку релевантни меѓународни актери и добро е што двете страни се вратија на дијалогот. Можеби нема да има договор во овој период, но, секогаш е подобро да се разговара во институциите, отколку луѓето да се на терен, а силите на НАТО и на ЕУ да се помеѓу вас, нагласи Пендаровски.

Сппоред него, посебен фокус на седницата беше ставен врз најновиот развој на настаните во односите со Бугарија. Поводот не беше само немилиот настан во Охрид затоа што тоа е само мало делче од целиот мозаик.

На таа тема реферираа директорите на службите, а потоа во дискусијата се вклучија и останатите членови на Советот.

Според достапните анализи и сознанија на надлежните органи, се работи за организирани активности од страна на структури во соседна Бугарија кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули мината година.

Истите овие структури се веќе мобилизирани, и логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува, соопшти шефот на државата.

Пендаровски смета дека на вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци, можеме да се одговори на два начина: првиот е, со културна дипломатска реторика, како и досега, и тој круг на провокации, кој често не останува само на зборови, туку предизвикува и насилство, сигурно нема да заврши, но ова ќе продолжиме да го правиме и понатаму. Второ, со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви ситуации.

Знаете дека Советот за безбедност е советодавно тело на претседателот, кое не одлучува, туку дава предлози до Собранието и Владата, посочи Пендаровски и додаде дека неговиот предлог до Владата кој го изнесе и на седницата, е согласно одредбите на Законот за странци, да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава.

Законските услови за изрекување на таква мерка постоеја и порано и сѐ уште постојат, тоа се, трите според законот, ги цитирам, закана за јавниот поредок, закана за националната безбедност, или закана за меѓународните односи на Република Северна Македонија.

Тоа во принцип значи, конкретно, ако таквите лица се надвор од земјата, да не им биде дозволен влез, а, ако се веќе внатре, да им биде откажан престојот и да бидат прогласени за персона нон грата.

Според претседателот, за настанот на 4 февруари да помине како што доликува, ќе мора да се преземат сите неопходни мерки и на терен, а, тоа значи, од граничните премини па сѐ до главната локација во Скопје каде пристап треба да имаат само луѓето, Македонци или Бугари, сеедно, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Делчев, но, не и оние кои доаѓаат со цел да го понижуваат и негираат македонскиот народ.

На крајот, Пендаровски упати порака до надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија:

Изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме, апелира Пендаровски.

Секоја сериозна држава впрочем на светот тоа го прави, вклучително и Бугарија.

Предлагам, во наредниот период, далеку подобра координација меѓу надлежните институции од двете земји, со цел, да не дозволиме европската агенда и билатералните односи да станат жртва на анахрони националистички и популистички политики од двете страни, кажа на крајот од обраќањето претседателот Пендаровски.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново