Денешната дискусија по предлог текстот на Националната стратегија за млади 2023-2027 година преставува уште еден институционален исчекор во градењето на политички амбиент кој е насочен кон ослободување на целокупниот потенцијал акумулиран кај младите и негово ставање во функција на напредокот и развојот на целокупното наше општество, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи на дебатата посветена на Националната стратегија за млади.
Според него, финализирањето на оваа стратегија е и чин на градење на доверба во институциите на системот, што има фундаментално значење во пронаоѓањето на смисла младите да сакаат да продолжат да живеат во нашата земја.
-Она што охрабрува е тоа што оваа Стратегија не е регистер на желби или идеи за тоа како да се унапреди улогата на младите во земјава или како да се артикулираат и заштита нивните интереси. Туку напротив, темелноста и сериозноста на оваа Стратегија добива на значење со тоа што во нејзините основи лежи процес на емпириско истражување на младинските трендови, спроведено на примерок од 1200 млади луѓе, регионално рамномерни застапени од осумте плански региони, преку кои се дефинирани проблемите и предизвиците за кои Стратегијата нуди решенија. Дополнителна тежина Стратегијата добива и со тоа што таа е резултат и на инклузивен процес во кој е опфатен широк опсег на консултативни средби, а со цел јасно дефинирање на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот контекст во кои живеат младите во нашата држава, кажа Битиќи.
Тој истакна дека младите се авангардниот дел на секое општество, неговата витална енергија и основна мотивација за креирање на развојни политики кои ги поставуваат фундаментите на просперитетот и благосостојбата на заедницата.
-Затоа е важно институционално да се изгради младински сензибилитет во креирањето на јавните политики, истите да бидат заштитени од сиромаштија и социјална исклученост, се со цел нивната визија и амбиции да бидат насочени кон нашата држава, посочи Битиќи.
Тој истакна дека оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година е насочен кон креирање нови работни места и зголемување на можностите за вработување на младите.
-За оние до 23 години возраст кои работат во производство воведовме дополнителен додаток на плата од 3.000 денари. Како Влада правиме сѐ за младите да останат овде и да препознаат реални шанси за личен успех. Со изработката на Националната развојна стратегија 2022-2042 како Влада пред младите за прв пат нудиме јасна слика и визија за иднината на нашата земја во следните 20 години, во која тие може да ги препознаат своите потреби и интереси, можности за личен индивидуален развој. Процесот на креирање на Националната развојна стратегија го спроведуваме преку изграден сензибилитет за вештините и способностите што треба да ги креираме како општество за постигнување на целите за одржлив развој на нашата држава, со што и целите и намерите на Националната стратегија за млади 2023-2027 се комплементарни. Градењето на институционални капацитети за одговор на краткорочните и долгорочните глобалнипредизвици на кои како држава сме и ќе бидеме изложени не може да го заобиколи ниту развојотна младинските потенцијали, кажа Битиќи.
Тој нагласи дека најважниот сегмент на кој Владата неуморно работи, а кој отвора реални можности за напредок и развојни перспективи за младите, е забрзување на евроинтегративните процеси.
-Искрено остануваме посветени во напорите Северна Македонија да ја изградиме во европски дом за младите, во кој тие системски ќе бидат вклучени во креирањето и спроведувањето на јавни политики. Владата со сите своите капацитети максимално ќе се посвети во давањето на неопходната институционална поддршка во имплементацијата, мониторингот и евалуацијата на оваа стратегија, кажа Битиќи.
