Пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната расправа посветена на ребалансот на Буџетот за 2025 во комисијата за финансирање и буџет рече дека ребалансот на буџетот за 2025 година, иако навидум не менува многу во клучните макроекономски параметри како вкупни приходи, расходи, дефицит и економски раст, претставува јасен показател за владините приоритети и стратегии, особено во пресрет на локалните избори.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека 14 милиони евра не се за зголемени плати, како што рече и самиот заменик министер се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски, проектни активности со едновремено искористување на средства од претходни години.
„Ова најверојатно е заради претстојните локални избори, па тактиката е добро позната – нови вработувања на партиски кадри пред изборите, што е долгогодишна практика која го оптоварува буџетот и ја нарушува професионалноста на јавната администрација, наспроти најавите на министерот за јавна администрација“, истакна Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека за тоа зборува и зголемувањето на ставката „стоки и услуги“, за околу 30 милиони евра во однос на 2024 година, која е недоволно транспарентна и вклучува договори на дело како форма на квази-вработување во јавната администрација.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека истовремено со зголемувањето на расходите за пензии и плати, владата прави кратења кои директно ја погодуваат економијата и најранливите категории граѓани.
„Кратењето на социјалните надоместоци е најголема критика за владата. Намалувањето на парите за „социјалните случаи“ е антисоцијална и антисоцијалдемократска политика. Недозволиво е да се крати од најсиромашните слоеви на населението, а во исто време да се вработуваат партиски кадри пред избори. Ова покажува висок недостаток на емпатија и социјална одговорност“, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа го истакна и очајното ниво на реализација на капиталните инвестиции од само 22,5%, кое е за 13,6 процентни поени помалку од истиот период во 2024 година, а признанието дека претходната влада била подобра во реализацијата на капитални проекти е силна критика за неефикасноста на сегашната влада во спроведувањето на развојни проекти.
Во своето излагање пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, особено се осврна на состојбите во министерството за култура и туризам, каде е намалена ставката за плати, што значи дека заложбите за поголеми плати за вработените во министерство за култура останаа само предизборни ветувања а и додатокот на плата за 30% денес во министерство за култура се прави по партиски клуч.
„Не се предвидени средства за зголемувањето на платите на културните работници. Иако некои од нив два месеци немаат земено плата и добиваат само закани дека нема да земат плата, не се предвидени средства за исплата на 700 тужби за неисплатените проценти согласно колективниот договор“, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека културните работници го добија достоинството во 2019 година со потпишувањето на колективниот договор, а во 2025 година им го ускратува еден од нив.
Костадиновска Стојчевска наведе дека Буџетот на инспекторатот за употреба на македонски јазик е намален за 2/3, се крати од ставката за културно наследство, не е помрднато со прст за завршување со изградбата на центарот за промоција на макеоднски јазик во село Љубојно, првото училиште по македонски јазик, се намалува и сумата за реконструкција на Музеј на Македонија и покрај тоа што министерот наследи готов проект и завршена процедура.
„Во буџетот на самото министерство зголемена е ставката за патувања. Тука ништо не не изненадува. Осака чинеше 90.000, а само за министерот и неговата шефицата на кабинет беа платени 10.000 евра трошоци. Она што е најевидентно се средствата за инфраструктурни објекти во општините коишто од 275 милиони сега со ребалансот изнесуваат 335 милиони. За користење на овие средства оваа година нема распишан конкурс па така не е јасно како овие и така зголемени средства ќе се користат, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа истакна дека финансирањето на дејностите од областа на култура е зголемено, во средствата овој јануари беа распределени на најнетранспарентен можен начин, без јавно објавување на резултатите од конкурсот, така и овие зголемени средства ќе одат во нечии џебови а не таму каде треба.
„За жал заложбите на министерот за зголемен буџет за култура останаа само предизборни ветувања и остварувања и зголемени суми ќе гледаме само кога има избори“, порача пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, на комисиската расправа за ребалансот на Буџетот за 2025 година.