Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Специјалните операции“ против Македонија се „готват“ надвор со извршители од внатре

ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Иако претседателот на државата Стево Пендаровски во изјавата за медиумите после седницата на Советот за безбедност одржана на 23 јануари рече дека таа била посветена на „безбедносната состојба во Република Северна Македонија и евро-атлантскиот регион“, и според редоследот како што ги наведе – претседавањето на нашата држава со ОБСЕ во чиј фокус е најголемата безбедносна закана после Втората светска војна заради воената агресија на Русија и ситуацијата на Косово, беше сосема јасно дека овој пат највисокото државно тело за безбедносни прашања, за централна тема го имаше „најновиот развој на настаните во односите со Бугарија“.

Еден краток и фактографски преглед на настаните од 14 јануари јасно ја предочува логичната потреба да се организира седницата на Советот за безбедност:

На 14 јануари европратеникот Ангел Џамбаски по повод парастосот за Мара Бунева ги испрати најекстремните и најотровни пораки од позиција на големобугарски национализам од главниот град на Северна Македонија.

На 15 јануари македонското Министерство за надворешни работи побара од Софија да се огради од изјавите на Џамбаски „заради недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Македонија, и воедно серизно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји“,

На 17 јануари бугарското МНР сe огради од изјавите на Џамбаски во Скопје и соопшти дека тие се „апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни и тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви“.

На 19 јануари вечерта беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Оваа низа и редослед на настани, „според достапните анализи и сознанија на надлежните органи“, рече на прес конференцијата претседателот Пендаровски се всушност „организирани активности од страна на структури во соседна Бугарија кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули мината година“.

Пендаровски откри дека „овие структури се веќе мобилизирани, и логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев“, и дека „според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува“.

Државниот врв е единствен за тоа кои се организаторите и причините

Она што претходеше на седницата на Советот за безбедност и на сознанијата искажани на прес конференцијата на Пендаровски, потврди дека државниот врв е единствен во проценката за организаторите и избвршителите на овие настани, кои, како што рече премиерот Ковачевски се спроведуваат „за одвлекување на вниманието од европската иднина на државата“

Тие кои ги иницирале настаните не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. Јасно ми е дека има тензија и дека има многу прашања на оваа тема. Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Јас летово не седев и не преговарав во Брисел со 27 земји членки на ЕУ со едно горко чувство какво што делеа и нашите граѓаните, за сега да стоиме тука и да гледаме како бесмилосно направено насилство влијае врз сето она што е сработено и практично ја киднапира нашата меѓународна и европска иднина, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.

Претседателот и премиерот, иако и претходно навестуваа, овој пат отидоа и чекор понатаму во посочувањето центрите од каде што се иницираат или инспирираат овие настани, па така Ковачевски рече дека „членови и симпатизери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се споменуваат дека се поврзани со настаните кои се случија минатиот викенд во Охрид, но и со настаните претходно“, но ја спомна и Левица.

Затоа, велам дека преку вакви активности нашата опозиција наликува на продолжена рака на Левица. Постојат два концепта, едниот е за европска Македонија, а вториот е бесмилосен национализам којшто замина од оваа држава заедно со нивниот вистински лидер, кажа Ковачевски.

Особено значаен е делот на одговорот на Пендаровски на новинарско прашање каде што тој вели дела „руската разузнавачка служба стои зад структурите во Бугарија кои вршат антидржавна кампања кон Северна Македонија“, што претставува одреден континуитет на овој негов став, како што беше неговата изјава за протестите против „францускиот предлог“ минатото лето кога рече дека „Руската Федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог“ и дека „неколку дузини луѓе кои се дојдени од соседните држави и кои се обидуваат да испровоцираат инциденти на протестите“

Да се адресираат и санкционифраат провокаторите

На седницата на Советот за безбедност, како што соопшти Пендаровски на прес конференцијата, биле разгледани и чекорите што ќе бидат преземени како одговор на „вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци“.

Мој предлог до Владата, согласно одредбите на Законот за странци, е да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава, соопшти претседателот Пендаровски.

Ова се совпаѓа и со изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи со која тој најави дека за „последен пат ќе влезе во државата секој оној кој Македонците ќе ги нарече Бугари или ќе каже дека Северна Македонија е бугарска“ и дека „тоа ќе биде сериозна основа државата да не дозволи негово повторно влегување во земјава, бидејќи ние не можеме нашите граѓани да ги изложиме на таква вознемиреност“.

Искусните хроничари на политичките настани во земјата и регионот се согласни дека ова се вознемирувачки настани и дека овие „специјални операции“ против Бугарија, кои се „готват“ надвор од Македонија со извршители од внатре, не се наивни, како што не беа наивни ниту во времето на Преспанскиот процес и други важни настани и клучни процеси за нашата земја.

Она што се очекува, нагласуваат тие е неопходноста од институционална рекација на грубиот атак против македонските национални интереси и дека адресирањетио и санкциите против провокаторите и насилниците ќе го ослободи политичкиот простор Владата на Северна Македонија и Владата на Бугарија да продолжат со позитивната агенда.

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен