Египтологија доби ново возбудливо откритие – целосен отисок од човечка рака стар повеќе од четири милениуми е пронајден на антички египетски предмет направен од глина, познат како „куќа на душата“. Предметот е откриен додека британски кустоси го подготвувале за поставка во музеј.
Истражувачки тим од Универзитетот во Кембриџ го идентификувал отисокот на таканаречената „куќа на душата“ (анг. soul house) – глинен модел на куќа што старите Египќани го ставале во гробници за да обезбедат симболичен дом за душата на починатиот. Објектот потекнува од Средното египетско кралство, односно од периодот помеѓу 2055 и 1650 година пр.н.е.

„Целосниот отисок од рака што го оставил занаетчијата пред глината да се исуши претставува редок и возбудлив наод“, изјави д-р Хелен Струдвик, кустос на Музејот Фицвилијам при Универзитетот во Кембриџ. „Во мојата кариера не сум видела толку јасен и целосен човечки траг на некој древноегипетски предмет.“
Откритието ќе биде изложено во октомври
Овој неверојатен предмет ќе биде дел од новата изложба „Направено во антички Египет“ (Made in Ancient Egypt), која се отвора на 3 октомври во Музејот Фицвилијам. Изложбата ќе се фокусира на самите занаетчии и луѓето што стоеле зад производството на секојдневните и обредните предмети – една тема која често останува во сенка на фараоните и големите градби.
Иако археолозите имаат откриено голем број на садови и алати од древниот Египет, за самите грнчари, односно занаетчиите кои ги изработувале тие предмети, е познато релативно малку. Со овој отисок – најверојатно оставен ненамерно, додека творецот го обликувал предметот – добиваме редок и човечки допир од минатото.
„Во моментот кога ќе го видите отисокот, сфаќате дека зад предметот стои вистинска личност. Оваа ‘грешка’ го направи предметот уште повреден“, додаде Струдвик.