Шпанија повеќе нема да ја разгледува можноста за набавка на американски борбени авиони F-35 и се размислува меѓу европските модели Eurofighter и идниот борбен воздушен систем FCAS, соопшти вчера портпаролот на Министерството за одбрана, потврдувајќи претходна информација објавена од весникот El Pais.
Според El Pais, шпанската влада ги повлекла плановите за набавка на авиони F-35, произведени од американската компанија Lockheed Martin, поради определбата најголемиот дел од дополнителните 10,5 милијарди евра за одбраната годинава да бидат потрошени во Европа. Во буџетот за 2023 година беа предвидени 6,25 милијарди евра за набавка на нови борбени авиони.
Lockheed Martin во изјава по повод случајот нагласи дека продажбата на воена опрема во странство се врши преку меѓувладини договори, упатувајќи на надлежните органи на САД или Шпанија.
Премиерот Педро Санчез годинава најави зголемување на буџетот за одбрана со цел Шпанија да го достигне целниот праг на НАТО од 2% од бруто-домашниот производ до 2025 година. Тој, сепак, одби да ја зголеми таа бројка на 5% во подолг рок, и покрај притисоците од САД. Таквата позиција беше остро критикувана од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани со воведување дополнителни царини на шпанската стока.
Американската амбасада во Мадрид не одговори веднаш на барањето за коментар.
Eurofighter е производ на компаниите Airbus, BAE Systems и Leonardo, додека FCAS го развиваат Dassault Aviation, Airbus и шпанската Indra Sistemas.