Да размислуваат критички, да ги бранат своите права и да се спротивставуваат на неправдата им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на бруцошите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На првиот академски час денес, 1 октомври, со кој започна академската 2026/2027 година, таа ги повика студентите да учат од првиот ден, да поставуваат прашања и да развиваат сопствени идеи.
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова нагласи дека студирањето треба да ја развива способноста за самостојно размислување. Ги охрабри младите да го вежбаат умот и стекнатото знаење да го користат за општото добро. Универзитетската автономија, според неа, подразбира и воспитување луѓе кои храбро ќе им се спротивставуваат на лагата, неправдата и силата.
„Бунтувајте се, барајте ги правата“, им порача претседателката. Од студентите побара да ги потсетуваат професорите на нивната педагошка одговорност и на обврската да работат за младите. Повика и на систем во кој студентите ќе имаат влијание врз изборот и реизборот на професорите.
Дел од пораките ги посвети на вештачката интелигенција и на потребата студентите да го зачуваат сопственото расудување. Според неа, технологијата треба да му служи на човекот, а природната и емоционалната интелигенција остануваат важни во образованието. „За да користите вештачка интелигенција мора да имате природна интелигенција“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката се осврна и на своето студентско и професорско искуство на Правниот факултет при УКИМ. Истакна дека и натаму верува во можноста правото да ја ограничува политичката моќ и во значењето на правдата и етиката. За УКИМ побара да биде предводник на општествените промени, користејќи го научниот потенцијал на своите сегашни и поранешни студенти, вклучително и оние што работат во странство.
На свеченоста на платото на УКИМ, најдоброрангираните бруцоши од неговите 23 факултети симболично ги добија индексите во име на новата генерација. На студентите им се обратија и ректорката Биљана Ангелова, министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателката на Универзитетското студентско собрание Ангела Василевска.

