По речиси 43 години на власт, 92-годишниот претседател на Камерун, Пол Бијa, доби зелено светло да се кандидира за осми претседателски мандат на изборите закажани за 12 октомври. Доколку победи, тој би можел да остане на функцијата до својата 99-та година.
Одлуката доаѓа откако Уставниот совет ја потврди одлуката на изборната комисија да го исклучи неговиот најголем ривал, опозицискиот лидер Морис Камто, поради внатрепартиски несогласувања во партијата која го поддржуваше.
Камто, кој беше второпласиран на изборите во 2018 година, ја нарече одлуката „произволна“ и „политички мотивирана“, велејќи дека борбата продолжува.
Кои се главните кандидати?
Од 83 пријавени, само 12 кандидати добија одобрение да учествуваат на изборите. Меѓу нив, шестмина се сметаат за најсериозни претенденти:
- Пол Бијa (92) – актуелен претседател од 1982 година и лидер на владејачката партија. Никогаш не изгубил избори, иако сите му биле проследени со обвинувања за изборни нерегуларности.
- Белo Буба Маигари (78) – поранешен премиер и долгогодишен сојузник на Бијa, сега независен кандидат со поддршка од северниот регион.
- Иса Чирома Бакари (75) – поранешен министер и верен соработник на Бијa, кој сега го критикува системот како „задушувачки“.
- Кабрал Либи (45) – пратеник и претседател на Партијата за национално помирување. Има растечка популарност и важи за надеж на младите.
- Акер Муна (72) – познат антикорупциски адвокат со силно меѓународно реноме. Вети радикална трансформација на системот.
- Џошуа Осих (56) – лидер на Социјалдемократскиот фронт и еден од ретките кои се надеваат дека ќе го вратат сјајот на ослабената опозиција.
Кој има најмногу шанси против Бијa?
Со исклучувањето на Камто, треторангираниот кандидат од 2018, Кабрал Либи, сега се гледа како можен водечки опозициски предизвикувач. Но, аналитичарите сметаат дека недостасува јасна визија во неговата кампања, во споредба со Акер Муна, кој добива пофалби за својот прецизен петгодишен план за реформи.