Цените на храната одат кон нов врв

Цените на храната во јули го достигнаа највисокото ниво во последните две години, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО). Најголемиот удар за потрошувачите доаѓа од растителните масла и месото, кои бележат историски високи цени.

Според индексот на ФАО, кој ја следи кошничката со основни прехранбени производи, вредноста во јули изнесувала 130,1 поен, што е зголемување од 1,6% во однос на јуни и дури 7,6% повисоко од истиот месец минатата година. Ова е највисокото ниво од април 2023 година.

Растителните масла на тригодишен максимум

Цените на растителните масла скокнале за 7,1% во споредба со јуни, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три години. Силниот раст на цените на палминото, соиното и сончогледовото масло го надмина благото намалување кај маслото од репка по жетвата во Европа.

Месото поскапо од кога било

Цените на месото пораснале за 1,2%, со што е достигнато највисокото ниво откако ФАО ги следи овие податоци. Говедското и овчото месо бележат најголем скок, додека живинското има блага тенденција на раст. Спротивно на тоа, свинското месо поевтинало поради зголемена понуда и намалена побарувачка, особено во Европската Унија.

Житните култури со мал пад, шеќерот и млекото исто така поевтини

Житните култури поевтинале за 0,8% во однос на јуни, под влијание на добра жетва на пченица на северната хемисфера, иако временските ризици во Северна Америка и Источна Европа ја задржуваат цената од поголем пад.
Шеќерот бележи петти месец на пад, овојпат за 0,2%, поради добри прогнози за жетва во Тајланд, Индија и поволни услови во Бразил.
Млечните производи паднале за 0,1%, првпат од април 2024 година, со поевтин путер, но поскапо сирење поради силна побарувачка во Азија и Блискиот Исток.

Аналитичарите предупредуваат дека иако дел од цените бележат стабилизација, трендот кај растителните масла и месото укажува на можност за дополнителен притисок врз потрошувачите во следните месеци, особено доколку временските услови влијаат врз жетвите во клучните земјоделски региони.

Зачлени се на нашиот е-билтен