Таа информираше дека Државниот завод за статистика објави алармантни бројки дека инфлацијата на годишно ниво стигна и сега изнесува 4,8%.
Со ова, Нешковска остро го демантираше премиерот, Христијан Мицкоски, дека Македонија е четврта економска сила во светот, посочувајќи дека ваквите катастрофални бројки не се на „четврта економија“ туку на економија во слободен пад.
„Речиси сè е поскапено, а најмногу храната и основните производи. Животот станува сè потежок, граѓаните имаат сè помалку пари, илјадници семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај. Родителите се приморани да се откажуваат од многу работи за да можат да обезбедат оброк за своите деца, прават секојдневни математики – дали да платат сметки или да купат основни намирници. И додека народот едвај врзува крај со крај и секојдневно се бори со високите цени, премиерот Мицкоски уште „анализира“. Власта тврдоглаво ги одбива конкретните предлози на СДСМ за намалување на цените и зголемување на платите. Не може народот да биде на леб и сол и да чека мерки, додека владините функционери се луксузираат и се гоштеваат со папаја и манго“, вели Нешковска.
Таа посочува дека не требаат „анализи“ и промашени мерки со „кошнички“, бидејќи владата на чело со Мицкоски треба да ги земе само готовите предлози од СДСМ и да ги реализира: укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори.
„Само на овој начин цените ќе се намалат а ќе се заштити стандардот и понатамошното осиромашување. Времето на владина незаинтересираност и арчeње на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката секој ден ја плаќаат граѓаните“, вели Нешковска.