Тој истакна дека во преговорите за прекин на огнот и мир, Москва мора да сфати дека државните граници не можат да се менуваат со сила.
„Ставот на европските земји покажува дека Европа останува единствена кога станува збор за претстојните преговори на претседателот Трамп со Путин и очекуваните резултати од нив. За Полска и нејзините партнери е јасно дека државните граници не можат да се менуваат со сила“, рече Туск на прес-конференција.
Тој додаде дека војната во Украина не смее да донесе корист за агресорот – Русија.
„Свесни сме дека заканата од Русија е сериозна, и иако почетокот на вистински преговори помеѓу Русија и Украина може да ја промени ситуацијата во самата Украина, сигурно нема да го промени општото оценување на руската политика во нашиот регион“, подвлече Туск.
При посетата на фабриката за експлозив „Нитро-Хем“ во Бидгошч, на северот на Полска, премиерот истакна дека владата сериозно ги зема предвид анализите на западните разузнавачки служби и предупредувањата дека во светот може да избие поголем конфликт во 2027 година.
„Мора да бидеме подготвени пред 2027 година за сите можни сценарија и за нас е важно да обезбедиме целосна готовност за одбрана заедно со нашите сојузници. Без разлика на сценариото во Украина, Полска, НАТО и Европската Унија мора да бидат заедно подготвени за евентуални закани или агресивни акции од источна страна“, нагласи Туск.
Тој посочи дека во моменталната светска состојба не постои време кога може да се каже „сега е сè во ред, не мораме повеќе да се подготвуваме и да се вооружуваме“.
„Ништо не започнува и ништо не завршува во 2027 година. Сериозно ги сфаќаме сигналите од Вашингтон и од други места дека мора да бидеме подготвени за различни сценарија веќе за две години. Нема датум од кој ќе можеме да кажеме дека сега е светски мир, можеме да ги прекрстиме рацете, не треба да се подготвуваме и не треба да се модернизираме“, заклучи Туск.
Потпретседателот на владата и министер за одбрана на Полска, Владислав Кошњак-Камиш, изјави минатиот викенд дека се надева дека Полската армија ќе брои повеќе од 300.000 војници, што е дел од плановите на новиот претседател на Полска, конзервативниот националист Карол Навроцки.
Според министерот за одбрана, благодарение на новите програми за обука, Полска, заедно со резервистите, ќе има околу половина милион луѓе под оружје.