Европската унија од септември 2025 година ќе забрани користење на гел лакови и други козметички производи кои содржат ТПО (триметилбензоил дифенилфосфин оксид), супстанца која е официјално прогласена за токсична за репродуктивното здравје.
Безбедноста на козметиката станува сè поважна тема во ЕУ, а оваа одлука следи по забраната од минатата година за додавање микропластика во козметички производи, детергенти и играчки.
ТПО е хемикалија што овозможува брзо стврднување на гел лакот под UV или LED лампа, што го прави лакирањето брзо и долготрјно. Сепак, Европскиот научен комитет за безбедност на потрошувачите предупредува дека долгото и често изложување на ТПО може негативно да влијае врз здравјето, особено врз репродуктивниот систем.
За козметичките салони ова значи дека ќе мораат да ги заменат постоечките гел лакови и да се запознаат со алтернативни формули кои не содржат токсични состојки. На пазарот веќе има достапни гел лакови со безбедни фотоиницијатори како етил триметилбензоил фенилфосфинат или хидроксициклогексил фенилкетон, кои нудат исти предности, брзо сушење, висок сјај и издржливост, но без здравствени ризици.
Оваа мерка е дел од поширокиот стремеж кон побезбедна и одговорна козметичка индустрија, каде што потрошувачите сè повеќе се заинтересирани за состојките во производите што ги користат.