Познатата хрватска пејачка Габи Новак почина на 90-годишна возраст.
Откако го загуби сопругот Арсен Дедиќ, кантавтор и композитор со кого беше во брак повеќе од четири децении, на 17 август 2015 година, Габи Новак се соочи со уште една тешка лична трагедија на почетокот на јуни оваа година – смртта на нивниот син Матија Дедиќ, еден од најистакнатите хрватски џез пијанисти, кој почина на 8 јуни во Загреб на 52-годишна возраст.
Габи Новак е родена на 8 јули 1936 година во Берлин, ќерка на Ѓуро Новак, роден во Хвар, и Елизабет Рајман, Германка. Детството го поминала во Берлин, потоа на Хвар, по што се преселила во Загреб. Таму дипломирала на Факултетот за применети уметности, со насока графика, и кратко работела како илустратор во Загреб Филм, во Студиото за цртани филмови.
Препознатлив глас
Својата пејачка кариера ја започна во 1958 година во Љубљана со настап со ревискиот оркестар на Бојан Адамиќ, по што стана едно од најпрепознатливите имиња на југословенската музичка сцена од тоа време.
Редовно настапуваше на големи фестивали на поп музика, како што се Загрепскиот фестивал, Мелодии на Јадранот и Белградска пролет, градејќи опус исполнет со џез, свинг, француска шансона и поп. Нејзиниот репертоар вклучуваше поп и џез, а веќе во текот на 1960-тите години стекна голема популарност и критички признанија.
Меѓу нејзините најпознати песни се „Љубав или шала“, „Очи“, „Збогом“, „Памтим само сретне дане“, „Што је љубав“, „За мене је среќа“, „Нада“ и „Храбри људи“.
За време на нејзината богата кариера, таа сними голем број албуми и синглови и соработуваше со врвни композитори и музичари. Нејзините уметнички достигнувања се потврдени со бројни награди, вклучувајќи неколку награди Порин – во 2002 година за најдобра џез изведба, во 2003 година за албум на годината, најдобар женски вокал, најдобар поп албум и најдобра вокална соработка, а во 2006 година го доби и Порин за животно дело.
Бракот со Арсен Дедиќ беше нејзин трет
Габи Новак првпат се омажи на 19 години за Богдан Дебењак, академски сликар кој беше десет години постар од неа, но бракот траеше само девет месеци, по што се разведоа, сфаќајќи дека одлуката била избрзана.
Потоа се омажи за композиторот Стипица Калоѓера, а по нивниот развод во 1970 година, на 30 март 1973 година, се омажи за кантавторот Арсен Дедиќ, кој беше нејзин сопруг и уметнички соработник до неговата смрт во 2015 година. Во бракот со Дедиќ, таа го доби синот Матија, еден од најистакнатите хрватски џез пијанисти.
Габи Новак често била нарекувана прва дама на хрватската поп музика и ќе биде запаметена по нејзиниот префинет вокален израз, сугестивни интерпретации и трајно влијание врз хрватската музичка сцена.
Нејзинита последна снимена песна беше „Početak“ со Данијела Мартиновиќ, на која се додаден клавирските интерпретации на нејзиниот син Матија Дедиќ.