Во пресрет на состанокот на Доналд Трамп и Владимир Путин за Украина на 15 август, се обнови дискусијата за трансфер на територии. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, верува дека разговорите за ова се неизбежни, додека министрите за надворешни работи на ЕУ сакаат да постигнат консензус за ова прашање, пишува DW.
Трамп најавува размена на територија
Отстапување на територија за мир меѓу Украина и Русија? Западните партнери на Киев долго време се одлучно против овој предлог. Сепак, во пресрет на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на Кремљ, Владимир Путин, што ќе се одржи во петок во Алјаска, дискусијата е обновена. Трамп веќе нагласи: „Ќе има трансфер на територија – на заемно задоволство“.
Сега се огласи и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој нагласи дека во идните преговори нема да биде можно да се избегнат дискусии за областите под руска контрола.
Руте нагласи дека Украина е суверена држава која одлучува за својата геополитичка иднина. Но, тој за американската телевизија ABC рече: „Во овој момент мора да го прифатиме фактот дека Русија контролира дел од украинската територија“.
По прекинот на огнот, прашањето ќе биде како ќе се развиваат работите понатаму за Украина кога станува збор за територијални прашања и можни безбедносни гаранции. Според еден можен договор, Русија би можела да ја задржи де факто контролата врз одредени области, но нема да мора да биде правно признаена. Тој посочи на примерот на деценискиот став на Западот кон советската окупација на балтичките држави.
Руте го пофали ангажманот на Трамп и рече дека тоа е тест што ќе покаже колку сериозно Путин ја гледа можноста за завршување на војната. Средбата би можела да биде важен чекор кон сеопфатни преговори, додаде тој.
Од европските лидери засега само полскиот премиер Доналд Туск силно се спротивстави на опцијата за отстапување територии на Русија
А каде е Украина?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не е поканет. Тој категорично ја отфрла можноста за отстапување на украински територии. „Ќе ја браниме нашата земја и нашата независност во секој случај“, нагласи тој. Додаде дека сè што се однесува на Украина мора да се одлучи со учество на Украина.
Претседателот не може сам да донесе одлука за отстапување на територија. Ова би барало промена на Уставот, што, по секоја веројатност, би предизвикало сериозни внатрешнополитички превирања.
Украинскиот претседател смета дека средбата во петок е нов обид за измама од Москва. „Ја разбираме намерата на Русите да ја измамат Америка и нема да го дозволиме тоа“, нагласи тој. Зеленски рече дека ја цени решителноста на Трамп да ја заврши војната. Сепак, единствената причина за продолжување на убивањето во Украина, според неговите зборови, е желбата на Путин да води војна „и да манипулира со секого со кого доаѓа во контакт“.