Со стоечки овации, силен аплауз и длабока почит за изведбата на претставата „Артуро Уи“ на Бертолт Брехт во режија на Кендрим Ријани, сношти во Тирана, беше поздравен ансамблот на Народниот театар во Битола, на сцената на Артурбина театарот.
– Јас сум повеќе од горд од приемот на публиката и на нашите албански колеги. Театарската сцена во Албанија, посебно во Тирана, се одлични познавачи на новите трендови на театарот и затоа беше посбен предизвик настапот на НТ од Битола. Тирана станува светски град, домаќините беа прекрасни, сѐ на сѐ едно прекрасно искуство, изјави за Рацин.мк директорот на НУ Народен театар од Битола Иван Јерчиќ.
Ова прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија е реализирано со поддршка на Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и дојде по гостувањето на режисерот Кендрим Ријани, кој на сцената во Битола ја постави претставата „Артуро Уи“.
– Режисерот Кендрим Ријани, е добро познат на театарскиот свет во Тирана и во Албанија воопшто, ни рече директорот на НТ Битола Јерчиќ и дополни дека неговото гостување како режисер дојде во директен контакт со него, откако директорот на НТ Битила ја гледал неговата претстава „Бесачи“ во Тиарана.
Во тој период е воспоставена и институционалната соработка меѓу народните театри во Битола и Тирана, кога со директорот Алтин Баша, беше потпишан договор за соработка.
– Ова триумфално гостување на ансамблот на Битолскиот театар во Тирана е значаен настан за соработката во сферата на театарот и на културата меѓу двете земји. Македонскиот јазик со актуелен театарски израз прозвучи пред преполниот салон на главната театарска сцена во соседна Албанија, а нашата продукција беше пречекана со искрени емоции, со комплименти и големо пријателство. Сета атмосфера на отвореност и свеченост за нас претставува потврда за квалитетот на екипата од „Артуро Уи“, но е и патоказ кон идните можни начини за соработка во културата. Овој настан ни ги покажува бескрајните можности што се пред нас во насока на зближување и запознавање на културите меѓу двата народа и за креирањето побогата културна слика на овој дел од Балканот, рече министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, којашто вчера беше во Тирана за да го проследи настапот на битолскиот театар и да се сретне со нејзината колешка од Албанија Елва Маргарити.
Презентацијата на македонската култура во Албанија доаѓа и како резултат на иницијативите од процесот „Отворен Балкан“, во чии рамки беше потпишан Меморандумот за соработка во културата, што го потпишаа министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија.
– Културата била и секогаш ќе биде мостот и врската помеѓу народите, без разлика дали станува збор за Балканот или пошироко. Важно е тоа да се форсира и да се инвестира во ваквите соработки кои преку сличностите и разликите во културите, дополнително ќе не поврзат. Културната размена е од особено значење за нас како творци, а секако и за публиката, истакна за Рацин.мк директорот на Народниот театар од Битола.
Дирекорот на македонскиот КИЦ во Тирана Златко Ориѓански на социјалните мрежи напиша дека вчерашниот настап на Битолскиот театар во Тирана бил фантастичен и импресивен.
– Публиката аплаудираше цели 15 минути стоејки и поклонувајки се пред нашите извонредни глумци и режисерот Ќендрим Ријани, посочува Ориѓански.
Претставата се одигра на македонски јазик, а глумците со маестралната изведба предизвикаа бура од воодушевување кај публиката.
– Ова беше голем триумф на уметноста, отворање на нов уметнички коридор 8, ноќ од историски значење за двете пријателски земји, напиша директорот на КИЦ во Тирана Златко Ориѓански.
Во рамките на ова гостување се реализираше и изложбата на театарски костими и театарски плакати на Благоја Мицевски.