Макрон: Не може да има територијални преговори за Украина без Украинци

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин „не сака мир“, туку „капитулација“ на Украина, во изјава по видеоповикот со претставници на таканаречената „коалиција на добронамерните“ сојузници на Киев.

„Дали мислам дека претседателот Путин сака мир? Ако сакате мое интимно убедување, не. Тој сака капитулација на Украина, тоа е она што го предложи“, рече францускиот шеф на државата и додаде дека сака „силен, траен мир, односно мир што ги почитува меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји“.

Спротивно на тоа, Макрон оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп бара мир меѓу Русија и Украина.

Пред средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски утре во Вашингтон, на која ќе присуствуваат Макрон и неколку европски претставници, Макрон изјави дека нивна желба е да претстават обединет фронт на Европејците и Украинците и да ги замолат Американците да кажат „до кој степен“ се подготвени да придонесат за безбедносните гаранции што ќе ѝ бидат понудени на Украина во мировниот договор.

„Не може да има територијални преговори за Украина без Украинците“ и, како што додаде, „не може да има разговори за безбедноста на Европејците без нив“.

Тој побара Европејците да бидат поканети на идните самити за Украина.

Прашањето за безбедносните гаранции за Украина е во центарот на изготвувањето на можен мировен договор, а целта е да се одврати Русија од нов напад врз Украина.

Макрон претпазливо реагираше на можноста што ја предложи Доналд Трамп Украина да добие заштита слична на земјите од НАТО, но да не стане членка на Атлантската алијанса.

„Мислам дека еден теоретски пасус не е доволен. Прашањето е суштината“, рече Макрон.

„Како можеме колективно да обезбедиме почитување на меѓународниот поредок и заштита на безбедноста на сите нас, бидејќи станува збор за безбедноста на Европејците и Франција“, рече Марон од својата летна резиденција во Форт Брегансон, во југоисточна Франција, по двочасовниот состанок со претставници на „коалицијата на добронамерните“.

Макрон рече дека Европејците утре одат во Вашингтон не само за да го следат украинскиот претседател, туку и да ги бранат интересите на Европејците.

Зачлени се на нашиот е-билтен