„Апсете го Вучиќ, а не нашите деца“, им порачаа граѓаните на полицајците

EPA/ANDREJ CUKIC
EPA/ANDREJ CUKIC

Протестите со тензии и инциденти во Србија шести ден по ред не престанува во неколку српски градови.

Во Ниш, протестот започна пред полициската станица поради апсењето на четири студенти кои учествувале во претходните демонстрации. Демонстрантите не можеа да стигнат до зградата поради полициски кордон и силно присуство на жандармерија. Толпата скандираше „Пуштете ги нашите деца“ и „Апсење на Вучиќ“ кон полицајците.

Во Нови Сад, луѓето се собраа пред зградата на Ректоратот на студентскиот кампус, а претходно во текот на денот и пред судот. Таму, причина за незадоволството беше испрашувањето на шест лица приведени за напад врз припадници на специјалните сили Кобра за време на протестите во среда. Тие се обвинети за „обид за тешко убиство“.

Протестите траат веќе шеста ноќ и често се придружени со судири меѓу демонстрантите и полицијата. Тие се реакција на инцидентите во Врбас и Бачка Паланка, кога провладините поддржувачи нападнаа демонстранти, додека полицијата, според граѓаните, не презеде ништо за да ги спречи нападите.

Претседателот Александар Вучиќ на 17 август објави дека во следните „три или четири дена“ државата ќе донесе „изненадувачки одлуки“ како одговор на протестите.

Протестите во Србија траат повеќе од девет месеци по трагедијата во Нови Сад, кога на 1 ноември се урна настрешница на неодамна реконструираната железничка станица, при што загинаа 16 лица. Ова беше причина за масовни демонстрации.

Најновото барање на студентите е одржување предвремени избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен