Цените на нафтата утринава лизнаа додека трговците го насочуваат фокусот кон денешните разговори во Вашингтон, каде што Володимир Зеленски ќе се сретне со Доналд Трамп во присуство на повеќе европски лидери и шефови на ЕУ и НАТО. Бренд се движеше под 66 долари за барел, а WTI под 63 долари — нивоа што укажуваат дека „геополитичкиот премиум“ моментално слабее додека пазарот чека јасни сигнали за можен пат кон прекин на огнот.
По самитот Трамп–Путин во Алјаска, американскиот претседател јавно порача дека Зеленски „може речиси веднаш да ја заврши војната“, изјава што дополнително го поттикна прашањето дали мировниот аранжман би подразбирал територијални отстапки од Украина. Во Белата куќа со Зеленски пристигна и делегација од европски лидери и претставници на ЕК и НАТО — редок дипломатски фронт на единство со цел да се осигура дека секое решение ќе биде трајно и безбедносно гарантирано.
Зошто цените реагираат на дипломатијата?
Нафтата традиционално вградува „ризик-премија“ кога постојат закани по снабдувањето или поширока нестабилност. Доколку Вашингтон отвори кредибилен пат кон прекин на огнот и безбедносни гаранции за Украина, дел од таа премија може да се стопи — што ја влече нафтата пониско. Ако, пак, разговорите завршат без напредок или дојде до нова ескалација, пазарот брзо ја ре-пресметува премијата, со потенцијален нагорен импулс.
Во моментов сигналите се мешани: европските пазари осцилираат, а нафтата тргува „рамно до благо пониско“ додека инвеститорите ги мерат шансите за договор и паралелно ги следат и другите фактори (монетарна политика, побарувачка во Азија, сезонски движења).
Краткорочно, цените на горивата на пумпите се движат поспоро од фјучерсите, но трендовите на глобалните пазари се прелеваат и локално. Ако разговорите во Вашингтон донесат намалување на геополитичката тензија, тоа може да го стабилизира или благо да го спушти трошокот на гориво во наредните недели. Во спротивно, повторно би можеле да видиме поскапувања.