Циципас шокиран во Винстон-Сејлем

Стефанос Циципас доживеа нов тежок удар во пресрет на Ју-Ес опен: како прв носител на Винстон-Сејлем Опен беше елиминиран уште на стартот од Кинезот Бу Јунчаокете со убедливи 6:3, 6:2. Со триумфот, Бу ја запиша својата највредна победа сезонава, а на „live“ рангирањето е околу 73. место.

Поразот е продолжение на слабата форма на Гркот, кој со месеци тешко врзува победи на турнирите и пред Њујорк влегува со разнишана самодоверба.

За Бу, ова е и прва победа годинава против ривал од Топ 50, што го потврдува подемот на 23-годишниот Кинез во тенискиот пелетон.

Циципас неодамна ја прекина кратката соработка со Горан Иванишевиќ и повторно го врати татко си Апостолос како главен тренер, надевајќи се на стабилизација на играта и резултатите.

Во јавноста се појавија и медиумски извештаи за крај на неговата врска со Паола Бадоса по Вимблдон, но останува отворено колкаво влијание имаат приватните околности врз формата на грчкиот ас.

Зачлени се на нашиот е-билтен