Фестивалот „Охридско лето“, најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, ова лето го одржа своето јубилејно 65. издание со богата програма во која учествуваа врвни уметници од областа на класичната музика и театарот. Настаните се реализираа пред преполни гледалишта, истакна директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски.
„Од самото спектакуларно отворање на 12 јули, морам да изразам огромно задоволство од тоа како помина целиот настан. Бевме препосетени, се бараше билет повеќе. Исто така, како институција, сме задоволни што бевме почестени од целиот државен врв, премиерот на државата, двајца претседатели на држави, целиот дипломатски кор во земјава и многу љубители на уметноста. Мојот впечаток е дека со самото отворање се создаде еуфорија дека во ‘Охридско лето’ како национална установа влегува нова енергија“, изјави Цуцковски.
Тој додаде дека иако фестивалот понекогаш морал да враќа публика поради ограничен број на места, тоа само потврдило дека програмата била внимателно подготвена и квалитетна.
„Жалам што некогаш ги враќавме љубителите на уметноста, но капацитетите ни се во ограничен број. Од една страна, ова е лична емоција, но од друга страна зборува дека програмата беше навистина квалитетна и сме ја сработиле така како што треба и оти на градот, државата и туристите им понудивме она што навистина треба да претставува ‘Охридско лето’“, истакна директорот.
За подготовките на јубилејната програма, Цуцковски вели дека тимот работел синхронизирано и посветено, а целта била фестивалот да ја задржи својата репутација и да се позиционира на светско ниво.
„Не беше тешко да се создаде програмата. Јас сум уметник со богата интернационална кариера, имам многу контакти, имаме одлични селектори, Симона Ѓорчева во музичкиот и Ненад Витанов во драмскиот дел. Ние како тим функционираме одлично и програмата ја направивме за нецели два месеци. (…) Во десет месеци откако сум тука, успеавме да направиме синергија помеѓу мене и вработените и да функционираме како тим затоа што тоа беше и мојата првична идеја – да работиме заеднички за повисока цел, а тоа е нашето културно национално богатство, фестивалот ‘Охридско лето’ да го задржи и да го подигне нивото во светски размери“, нагласи Цуцковски.
Јубилејното 65. издание на „Охридско лето“ се одржа под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со поддршка на Владата преку Министерството за култура и туризам. Во организацијата учествуваа и Општина Охрид, бројни спонзори и љубители на уметноста, а генерален спонзор беше А1 Македонија.