На малиот остров Ошљак во Задарскиот архипелаг расте бунтот на локалното население против сè поголемиот туристички притисок. Жителите тврдат дека масовните доаѓања ја загрозуваат нивната секојдневица и природата, па остро порачаа дека станува збор за „тероризам, а не туризам“, пренесува Дневник.hr.
Минатиот викенд беше одржан протест на кој жителите потераа излетнички бродови со туристи. Тие се жалат дека посетителите незаконски влегуваат во дворови и куќи, береат зеленчук од градините, а имало и случај кога непознат турист влегол во дом на локален жител и побарал тоалет.
„Тие бродови пристигнуваат целосно нелегално во заштитено подрачје“, изјави мештанецот Миховил Валчиќ. Според градоначалникот на Преко, Јуре Брижиќ, преку илјада луѓе дневно минуваат низ островот во сезоната, што создава неизводлив притисок за жителите.
Во неделата, мештаните не дозволија на излетничките бродови да пристанат на Ошљак. Тие велат дека нема да се откажат од иницијативата за заштита на островот и апелираат до институциите итно да реагираат. Жителите потсетуваат дека единствената патека на островот е сопственост на Општина Преко, а останатото земјиште е во приватна сопственост на островјаните.
„Ова е чист пример за тероризам, а не туризам“, велат незадоволните жители. Според нив, островот нема капацитет за толкава навалица на гости. „Овој остров не трпи ниту нас самите, а камоли толку туристи“, истакна Верa Валчиќ Ловриќ.
Нејзиниот сограѓанин Луцијан Валчиќ додава: „Јас секој ден бројам туристи – преку 300 доаѓаат дневно. Тоа е катастрофа“.