Во реакцијата се наведува дека Лукровски испратил писмо до секоја фирма и јавна установа на територијата на општината, барајќи средби за „подобрување на бизнис климата“. Од Карпош потенцираат дека тоа е спротивно на законите, бидејќи градинките и основните училишта не се фирми, туку јавни установи за воспитување и образование.

„Господинот Мицкоски треба да објасни зошто неговиот кандидат ги повикува директорите на јавни установи на средби, кога токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Карпош гласаа против одлуките наставниците и вработените да добијат повисоки плати и подобрени услови“, стои во соопштението.
Од Општината дополнуваат дека со ваквиот потег Лукровски врши невиден притисок врз стопанствениците и јавните институции, користејќи ги нивните податоци и мејлови за политичка кампања. „Ова е флагрантно кршење на законите и форма на досега невиден притисок врз обични стопанственици“, наведуваат од Карпош.
Општината апелира до премиерот Христијан Мицкоски да го предупреди својот кандидат и да не дозволи политички притисоци врз јавните установи, фирмите и граѓаните, во спротивно најавувајќи дека случајот ќе добие и правни последици.
