Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, д-р Бранимир Јовановиќ, економист и истражувач од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, зборува за економските политики на владата, растот на инфлацијата, трошоците за живот и опаѓањето на куповната моќ на граѓаните.
Јовановиќ наведе неколку причини поради кои смета дека владата намерно ја разгорува инфлацијата.
„Мислам дека владата намерно ја крева инфлацијата, односно намерно ја разгорува… Затоа што кога имате инфлација, цените на производите растат, ДДВ-то што го наплаќа државата од тие производи е повисоко, се полни буџетот… Друг познат ефект што го има инфлацијата е што го намалува долгот… Оваа влада, мислам дека тоа е втората причина зошто ја пушти инфлацијата, затоа што тоа им го намалува јавниот долг… И третата причина зошто мислам дека тоа го прават, е затоа што всушност им треба нешто за да кажат, да најдат некој виновник. владата ќе ги обвинува супермаркетите, ќе вика бизнисмените се криви, супермаркетите – тие се алчни, тие се крвопијци, тие ја креваат инфлацијата, удрете по нив. И граѓаните ќе се насочат кон нив… и на некој начин имате состојба кога владата глуми дека нешто прави, а всушност ништо не прави“, објасни Јовановиќ.
Тој вели дека со оваа власт платите одат само надолу и тие се премногу ниски во однос на трошоците за живот.
„Трендот откако е дојдена оваа гарнитура на власт, е скроз надоле, од 11% на 3-4% раст на платите… Просечната плата во Македонија, како процент од европскиот просек, знаете колку е? 35%… кога ги ставите во сооднос со платата во ЕУ, ви се една третина од прилика. Од друга страна, цените во Македонија, знаете колку се како процент од ЕУ? Околу 60%. Така што ако земете колку е, колку да кажеме цените во однос на платите, во Македонија се дупло повеќе од колку што се во ЕУ… Платите во Македонија се премногу ниски и затоа единствената политика тука мора да биде накачување на платите, ако сакате да им направите на луѓето да имаат нешто за живот. Меѓутоа, оваа влада мислам дека не сака“, посочи Јовановиќ.
Според него, владата нема политичка волја за покачување на платите и работи за бизнисмените, а не за обичниот граѓанин.
„Со кого се среќава премиерот, секоја втора недела? Не се среќава со синдикатите, не се среќава со работниците, не се среќава со сиромашните, се среќава со бизнис заедницата… Ако ја зголеми платата, ќе им ги намали профитите на овие големи фирми кои што всушност го контролираат, на кои што тој им седи во скут… Нивните плати се добри, нивните плати и не се само платите добри, тие имаат и многу други бизнис дилови, со тие бизнисмени за коишто работат, поради кои тие си живеат супер, така што не им е гајле за обичниот човек, за тоа како тој живее“, истакна Јовановиќ.
Зборувајќи за странските заеми, тој оцени дека владата нема капацитет да ги вложи во изградба на јавни добра и само ги бомбардира граѓаните со информации дека нешто ќе се прави, а всушност ништо не се прави.
„Унгарската милијарда ја земавме пред околу една година. Година дена поминаа, откако го најавуваа тоа, не видовме ниту еден проект. Во однос на овие 5-6 милијарди од Британија, мислам дека ќе се случи истото што се случи со унгарскиот кредит, односно ништо нема да се изгради… Премногу работи, вести пуштат секој ден, четврта економија во светот, најдобри по странски инвестиции, нема корупција, автопат се гради, плати, ова, она, и луѓето премногу се бомбардирани од информации и не можат да изведат што е вистина, што е лага… Толку се бомбардирани од информации, што више не им е гајле“, смета Јовановиќ.
Јовановиќ заклучува дека е потребна мобилизација за промена на власта, а потоа и суштинска промена на политиките кои што ќе бидат од интерес на обичниот човек, а не на олигарсите.
„Тоа е грешката, што сите ќутат, сите премолчуваат, и медиумите ако сакате, што на некој начин аминуваат сè што ќе направи оваа влада… Главното што треба сите да си го кажеме, да го запаметиме дека откако ќе паднат овие и ќе дојдат некои други, не смеат да се однесуваат исто како нив. Него мора да има суштинска промена, а суштинската промена во економската сфера значи дека морате да се тргнете од крупниот капитал, не можете да му слугувате на бизнисот, доста е више, 30 и кусур години само тоа има… Мора да има многу поинакви политики, суштински различни политики, политики кои што ќе бидат од интерес на обичниот човек, на сиромашниот, на работникот, на селанецот, а не политики коишто ќе бидат на олигарсите, на богатите и на крупниот капитал“, заклучи тој.
Погледајте го целиот разговор на Петрит Сарачини со Бранимир Јовановиќ во видео шорткастот „Што има ново?” на ИМА.