Во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, вечерва, 28 август, од 21:15 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Време, вода, наследство: Охрид“ на сценаристoт и режисер Илија Пиперкоски.
Филмот е динамична хроника на 70 години Охридски пливачки маратон – спорт што ја мери човечката издржливост, волја и амбиција. Преку ретки архивски снимки и нови интервјуа со легендите Дики Бојаџи, Теодора Раптис, Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев и 11-кратниот победник Петар Стојчев, лентата ја следи еволуцијата на маратонот: од пионерските години и подвигот на Атина Бојаџи на Ла Манш, преку славните деведесетти, до денешните предизвици, информира продукцијата.
Креативниот тим го сочинуваат: сценарио/режија – Илија Пиперкоски; монтажа – Никола Ристов; камера – Данчо Стефков, Фејми Даут, Зоран Ставрев, Димко Саздов и Виктор Крстаноски; продуцент – Данчо Стефков; дизајн на звук – Дарко Спасовски. Во филмот учествуваат и Кочо Паскали, Ристе Савин, Зорица Нестор и Горан Стојановски.