Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Турските гласачи ќе ја кројат иднината на својата земја во втор изборен круг

Турските избори ќе ја одредат судбината на Турција, но ќе имаат и силно влијание на регионалната и европската иднина. Турција е клучен сојузник на НАТО и регионална суперсила, а нејзината позиција и ориентација можат да бидат пресудни во време кога руската воена агресија против Украина предизвика неизвесност и кризи во целиот свет.

Изборната трка во Турција остана неизвесна до самиот крај. Сепак, по долгата ноќ исполнета со очекувања и надежи, а секако и медиумски манипулации во корист на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и со изјави за победа на двете страни, сега е сосема извесно – се оди на втор круг на гласање. Ердоган се приближи, но не обезбеди 50 отсто од гласовите за да го продолжи своето 20-годишно владеење.

Првичната предност на Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) кога беа пребројани само 10 отсто од гласовите се стопи веќе во наредните два часа по затворањето на избирачките места.

Со преброени 97,95 отсто од гласовите, државната новинска агенција Анадолу објави дека Ердоган има 49,34 отсто од гласовите, наспроти 44,99 отсто за неговиот главен противкандидат Кемал Киличдароглу – што значи дека ниту еден од нив не може да тврди целосна победа.

Третиот кандидат, Синан Оган, доби 5,28 отсто од гласовите, што ја зголемува можноста тој да биде кингмејкер во вториот круг. Тој беше првиот што на социјалните мрежи напиша дека втор круг е „сосема можен“. Тој ја илустрира изборната битка и како судир на две определби – националистите од една и приврзаниците на легендарниот Ататурк, од друга страна.

Киличдароглу ја поздрави можноста за вториот круг гласање и рече дека неговата партија ќе триумфира.

Вториот изборен круг ќе се одржи на 28 мај.

Турција има 65 милиони регистрирани гласачи, од кои повеќе од шест милиони се млади кои гласаат прв пат на овие избори. Гласачите гласаат во 192.000 избирачки места во 87 региони на земјата.

Џ. Д.(ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново