Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, на промоцијата на новите регистарски таблички одговори на новинарско прашање на албански јазик иако прашањето беше поставено на македонски, пренесе 4NEWS.mk. Откако новинарите укажаа на тоа, Фетаи кратко рече: „Знам, али јас на албански ако може.“
За настанот денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој го пофали Фетаи за неговата стручна биографија и образование, објаснувајќи дека со него најчесто комуницира на англиски затоа што Фетаи се иселил од земјата на шестгодишна возраст. Според премиерот, Фетаи течно зборува четири јазици и во изминатите месеци интензивно го учи македонскиот.
„Знам дека не му е намерата како што се обидуваат некои политички центри да ја дефокусираат јавноста. Единствената грешка беше што ако одлучи да одговара на албански јазик, требаше да донесе преведувач. Им се извинувам на новинарите и сум убеден дека тоа нема да се повтори,“ изјави Мицкоски.