Синоќа во организација на Министерството за надворешни работи се одржа свечена церемонија по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и САД. Во присуство на државниот врв, дипломатскиот кор и други истакнати политичари и општествени чинители, организаторот и домаќин (МНР) се обидел низ говори и презентација на медиумски архивски материјали да ја прикаже историјата на 30-годишното официјално пријателство и стратешко партнерство меѓу двете држави.

Сепак, присутни на настанот сведочат за Рацин.мк дека со содржината на официјалното видео кое било прикажано за да ја потврди историската фактографија се фрлило сериозна дамка врз настанот. “Некој добро го кроел видеото обидувајќи се да изврши корекција односно да избрише дел од најважните моменти и личности од дипломатските односи меѓу САД и Македонија” – вели еден од присутните.
Видеото почнува со средби на Глигоров со американски претставници, потоа следи доаѓањето на Клинтон во бегалскиот камп во 1999, посетата на Трајковски во Белата Куќа во 2001, признавањето на уставното име и изјавата на Пауел во 2004, после што следи одеднаш има временска дупка од четири години, за потоа да се појави Милошоски со Кондилиза Рајс во 2008. Понатаму, повторно подолга временска дупка, за да кон крајот на видеото се прикажат Османи на средбата со Блинкен, Помпео со Пендаровски во Охрид и секако Муцунски со Рубео и присуството на Мицкоски на придружните партиски активности на републиканците при инаугурацијата на Трамп.
Видеото предизвикало силни реакции од пристуни на настанот поради јасно видливиот обид за корекција односно бришење на екстремно важни моменти и средби од поновата историја како што се средбата на премиерот Бучковски со претседателот Буш во Овалната соба во октомври 2005, средбите на Груевски со Бајден и Клинтон во Вашингтон во февруари 2011, како и средбата на Заев со потпретседателот на САД Пенс во Вашингтон во 2018 и прес конференцијата на Заев со државниот секретар Помпео во Охрид во октомври 2019.
Присутните сведочат дека видеото било производ на некој кој свесно и прецизно одлучил во него да не бидат прикажани историските важните средби на Бучковски, Груевски и Заев со државниот врв на САД, одржувани во историски важни моменти за Република Македонија.