ФОТО Два нови пожари го гушат Скопје, ПМ честичките во плафон

Редакцијата на Рацин.мк предмалку доби фотографии од два активни пожари на Дрисла и Вардариште кои се издигнуваат во масивни столбови над Скопје. Црн чад денеска повторно се издига од правец на поранешната депонија Вардариште, а втор столб чад се гледа и спроти кулите „Џевахир“ во Аеродром. Снимки и фотографии на граѓани го документираат настанот, иако претпладнево надлежните уверуваа дека на локацијата нема горење и дека продолжува затрупувањето на критичниот канал каде претходно се одвивал пожарот.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов најави прес-конференција за 14 часот, со очекување да објасни зошто повторно се појавува густ чад кога теренот, според институционалните информации од утрото, бил „смирен“ и под надзор. На Вардариште, рече Ангелов, има и обезбедување од агенција, но очигледно некој успева да разгорува жаришта.

Сликата над градот денеска дополнително ја влошува и „Дрисла“, каде што пожарот што избувна на 9 септември сè уште се третира со агресивно затрупување — отворен оган не се гледа, но чадењето продолжува и периодично го покрива Скопје зависно од правецот на ветрот. Последните изјави на Ангелов и службите се дека чадењето е делумно намалено, но присутно.

Зачлени се на нашиот е-билтен