Трамп во Велика Британија доаѓа со 1,7 милијарди долари инвестиции. Американски финансиски компании најавија инвестиции во вкупна вредност од 1,25 милијарди фунти (1,7 милијарди долари) во Велика Британија, во пресрет на државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп следната недела, јави ДПА.
„Сити груп“ потврди дека ќе инвестира 1,1 милијарда фунти (1,441 милијарда долари) во своите операции во Велика Британија, додека „Ес’Пи Глобал“ ќе вложи четири милиони фунти во своите канцеларии во Манчестер.
„Пејпал“ најави инвестиција од 150 милиони фунти (196,5 милиони долари) за развој на нови производи и раст, а „Банк оф Америка“ планира отворање на 1.000 нови работни места во Белфаст, каде ќе ја воспостави својата прва операција во Северна Ирска.
„Блекрок“ ќе пласира седум милијарди фунти (9,17 милијарди долари) на британскиот пазар во следните пет години, а „Ротсеи“ планира да ја зголеми својата инвестиција во САД за уште седум милијарди фунти.
Во пресрет на посетата се очекуваат и објави за милијардски вложувања во дата-центри од „Опен АИ“ и „Енвидиа“. Извршните директори на двете компании, Сем Олтман и Џенсен Хуанг, ќе бидат дел од бизнис делегацијата што ќе го придружува Трамп.
Дводневната посета ќе започне в среда, при што претседателот ќе преноќи во замокот Виндзор.
Посетата се одвива во услови на неизвесност околу иднината на тарифите за британскиот челик. Иако во јуни Велика Британија и САД постигнаа договор за намалување на царините за автомобили и производи од воздухопловниот сектор, царината за британскиот челик остана 25 проценти.
– Нашите специјални односи со САД остануваат силни. Велика Британија е единствената земја која избегна 50-процентни тарифи за челик и алуминиум, а продолжуваме да соработуваме и во области како што се вештачка интелигенција, квантни системи и сајбер-безбедност, изјави портпарол на британската Влада.