Српската полиција користела опасен и забранет гас

EPA/ANDREJ CUKIC

Српската полиција користела опасен и забранет гас за време на протестот во Нови Сад. Ова го објавија студенти од Природно-математичкиот факултет во Нови Сад. Тие ги објавија резултатите од независна лабораторија и побараа истрага против одговорните за употребата на овој гас – хлорацетофенон, познат по кратенката CN.

CN може да биде опасен за очите, да предизвика оштетување на рожницата, а исто така и за белите дробови, бидејќи е потоксичен, поради што е повлечен од употреба во речиси сите земји. Првпат бил синтетизиран во 1871 година во Германија, Јапонија го користела против Кинезите за време на окупацијата на Тајван во 1930 година, а потоа, поради неговата висока токсичност, бил заменет со CS гас.

„Поради неговата висока токсичност и сериозни здравствени ефекти, CN гасот бил целосно заменет со CS гас во 1970-тите, кој станал стандардно средство за масовна контрола во полициската пракса и армијата. Нашата порака е јасна: употребата на CN гас не е средство за контрола, туку труење на сопствените граѓани“, велат студентите во соопштението.

Поради оваа причина, студентите бараат истрага и кривична одговорност за „оние што дозволиле употреба на толку опасен гас“ и препорачуваат граѓаните и полицајците да користат маски со филтри, бидејќи само тие обезбедуваат заштита од CN и CS гасови.

„Им кажуваме на членовите на Министерството за внатрешни работи и на сите надлежни органи дека сме подготвени да предадеме дел од примероците што ги собравме за понатамошна анализа. Не се плашиме од вистината и стоиме зад нашите резултати. Дали конечно ќе покажете храброст и транспарентност или ќе продолжите да го криете она што јавноста има право да го знае?“, прашаа студентите.

Според студентите, по протестот и употребата на сила на 5 септември, полицајци со фенерчиња ги собрале испуканите хемиски контејнери.

Тие додадоа дека затоа е одлучено да се соберат сите достапни докази на организиран начин, вклучително и пронајдените контејнери со испукани хемиски супстанции, со цел да се подложат на независна анализа и на тој начин да се разјасни дали е употребен обичен солзавец или „други средства со нелегални и потенцијално опасни цели“. Собрани се неколку десетици необележани контејнери, при што на некои контејнери јасно се гледаат траги од отстранување на ознаките, се вели во соопштението.

Тие додадоа дека сите анализи се извршени со користење на истиот метод што се користи во сите акредитирани лаборатории низ целиот свет, користејќи гасна хроматографија со спектрометрија (GC-MS).

За време на протестот навечер на 5 септември, полицијата брутално интервенираше против демонстрантите на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, а покрај демонстрантите, беа видени и полицајци како повраќаат откако беа фрлени со солзавец.

Властите во Белград ги негираа тврдењата на студентите. „Министерството за внатрешни работи категорично ги негира наводите што се појавија во јавноста дека полицијата во Нови Сад користела таканаречен CN гас. Полицијата воопшто не поседува такво нешто и поради оваа причина не може да се користи“, се вели во официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи на Белград.

CN беше забранет од ООН во 1969 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен