ЕУ алармира: Демократијата е во криза – мирот, слободата и правата на граѓаните се загрозени!

По повод Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември, Европската Унија ја потврдува виталната важност на демократските принципи, човековите права и владеењето на правото, признавајќи дека тие денес се поважни од кога било како основа за стабилни и просперитетни општества.

– Демократијата се соочува со невидени предизвици низ целиот свет, вклучувајќи зголемена манипулација, странско мешање и дезинформации. Ова го поткопува пристапот до веродостојни информации и ја еродира довербата во институциите, велат високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас, извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хана Виркунен, и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт.

Во заедничката изјава тие нагласуваат дека растечката поларизација ги загрозува демократските дебати, учеството на граѓаните во политичките процеси и заштитата на маргинализираните групи. Автократските наративи ослабуваат довербата во изборните процеси, а намалувањето на буџетот за демократија создава простор што авторитарните режими се обидуваат да го искористат.

– Демократијата е темел на мирот, слободата и просперитетот, како и на нашата Европска Унија. Само информирани и активно вклучени граѓани можат да гарантираат заштита на основните права, велат од ЕК.

ЕУ се обврзува да ги поддржува слободните и плурални медиуми, фер изборни процеси и слобода на говорот, со цел да се обезбедат веродостојни и непристрасни информации. Зајакнувањето на демократијата е истовремено и стратешки интерес на Унијата, бидејќи обезбедува стабилност, безбедност и заштита на европските вредности.

– На овој Меѓународен ден на демократијата ги повикуваме владите, организациите и поединците да ни се придружат во заштитата на демократските вредности и човековите права. Заедно можеме да создадеме безбедни, стабилни и инклузивни општества, соопшти Европската комисија.

Зачлени се на нашиот е-билтен